Во светот е во тек вистински лов на теоретичарите на заговор во врска со појавата на ковид-19. На „отстрел“ се сите оние што истражуваат или поставуваат излишни прашања поврзани со изјавите и ставовите на СЗО и на владите на одредени држави или, пак, изразуваат различни ставови. Твитер ги брише несоодветните профили, а Фејсбук и сите други платформи елиминираат содржини објавени од „жигосани“ поединци и групи. Таквиот прогон на теоретичарите на заговор за настанувањето и целите на корона-кризата ги поттикнува сомнежите дека нешто се крие од јавноста, рушејќи го притоа авторитетот на државните институции и меѓународните организации, пред сѐ, на СЗО

Дали коронавирусот е резултат на лаборатории или природно еволуирал (2)

Денес со сигурност се знае дека во моментот на воената интервенција Ирак не поседувал хемиско оружје, ниту пак бил поврзан со некои исламистички терористички организации, а сѐ појасна е и длабоката вмешаност на Западот во т.н. револуции за време на Арапската пролет и војните што произлегоа од нив. За кратко време, теоријата на заговор за непостоење на ирачкото оружје за масовно уништување се претвори во реален заговор. Ова беше прв случај една т.н. теорија на заговор толку брзо да стане реалност, разоткривајќи ја дотогаш криената лага. Оттука, овој случај претставуваше пресвртница, по која на владејачките структури им стана многу потешко да шират обвиненија за теории на заговор, а сѐ со намера да ги прикријат сопствените политички, воени и разузнавачки дејства, кои самите по себе имаат карактер на заговор. Бесрамната лага што даде повод за воен поход на Ирак се покажа како ноторен заговор против меѓународното право, темелните вредности на светскиот поредок, сувереноста на Ирак и другите членки на ОН, ирачкиот народ и, конечно, против целата меѓународна заедница. Зашто измислувањето лажни поводи за војна против суверена држава не е ништо друго, освен заговор против ОН и меѓународната заедница.
Пандемијата на ковид-19, полна со неодговорени прашања и непредвидливи пресврти, даде нов импулс во ширењето обвиненија за фабрикувани теории на заговор. Тука станува збор за двонасочна релација – оној што прикрива нешто предизвикува сомнеж кај оние што почнуваат да поставуваат прашања, по што следува обвинување за теорија на заговор. И така кругот се затвора, ништо не се решава, а вистината и фактите често остануваат прикриени со години, па и децении.

Спонтана историја

Современата употреба на терминот „теорија на заговор“ ја изразува старата теорија за спонтаниот тек на историјата и го минимизира влијанието на одлуките и одговорноста на владејачките структури врз она што се случува или се случувало низ историјата. Во спонтаното толкување на историјата, сѐ е поедноставено и приспособено на јавниот наратив, според кој владетелите и моќниците секогаш се изненадени од некаков развој на настани, само отпосле реагираат на настаните и главно не се одговорни за ништо. Ако го користиме овој наратив, ќе кажеме дека Француската граѓанска револуција избувнала „сама од себе“ поради незадоволството на луѓето и нивниот спонтан бунт, а дека политичките и деловните интереси на тогашните сѐ побогати граѓански структури биле целосно запоставени.
Тезата дека народот може спонтано да се крене, без притоа да има организатор и водечка сила што управува со него, едноставно е тотална глупост. Во заднината на Француската револуција не стои ништо друго, освен гол заговор против француската монархија.

Според теоријата за спонтан тек на историјата – како целосна спротивност на теоријата на заговор – и народот во царска Русија се кренал спонтано, го срушил царот и ги донел на власт комунистите, а сето тоа го направил бидејќи живеел тешко, како што, впрочем, со децении тврдеше комунистичката идеологија. Но вистината е сосема друга: народното незадоволство беше само неопходна алатка за манипулација (или поточно, за заговор), спроведена од страна на надворешните разузнавачки служби – во првата фаза британски и француски, а во втората германски. Со симнувањето на царот, британската и француската политика се обидоа да ја исфрлат Русија од договорената поделба на пленот, откако стана јасно дека Германија ја губи војната и дека во неа ќе се вклучи американскиот сојузник. Имено, покрај Франција и Велика Британија, Русија беше третиот потписник на „Сајкс-Пико“, фамозниот таен договор од 1916 година за повоената поделба на териториите што дотогаш му припаѓаа на Османлиското Царство.

Според договорот, на Русија требаше да ѝ припаднат важни геополитички подрачја околу Црно Море, вклучувајќи го и западниот брег на Босфор. Но до тоа никогаш не дојде, бидејќи главна цел на руската револуција за укинување на царскиот режим, поддржана од страна на другите две земји потписнички, беше целосна елиминација на Русија од победничката поделба на повоениот плен, кога веќе беше кристално јасно дека Германија и нејзините сојузници ја губат војната.

Политички игри

Конечниот тогашен удар на Русија ѝ го зададе германската разузнавачка служба со вметнувањето на Ленин и неговите комунисти во внатрешната политичка игра, создавајќи револуционерен хаос и оневозможувајќи каква било организирана и ефикасна руска воена акција. Намерата беше да се исфрли Русија од војната и Германија успеа во тоа: германските разузнавачки служби во Петроград ги доведоа во запечатен дипломатски вагон Ленин и неговата група болшевици (дотогаш во азил во Швајцарија), кои подоцна се покажаа како темпирана бомба што ја дестабилизира Русија. Денес ова се историски потврдени факти. На 3 март 1918 г., новата руска комунистичка власт потпиша сепаратен мир со Централните сили (Германија, Австро-Унгарија, Бугарија и Османлиското Царство) и на тој начин Русија се повлече од Првата светска војна.

На 23 ноември 1917 година, московскиот весник „Правда“ го објави својот веројатно единствен ексклузивен материјал – руската копија на договорот „Сајкс-Пико“, каде што јасно се гледа дека Москва се откажува од сѐ што требало да добие со овој договор. Што има спонтано во сето тоа што се случувало, а е надвор од рамките на еден стандарден заговор? Ништо – никаква теорија на заговор не може да ја прикрие вистината со наметнување теза за „случајност“ во низата настани, иако во последно време се обидуваат и тоа масовно да го прават. Се работеше за чист заговор, дури и за серија поврзани заговори. Според толкувањето на историјата како низа спонтани и случајни настани, а не организирани и однапред подготвени заговори, и американскиот претседател Џон Кенеди бил убиен спонтано, затоа што така му текнало на некојси Ли Освалд, инаку личност под целосна и ефикасна контрола на американските разузнавачи.
И замислете чудо – во тој момент веројатно единствениот човек во Далас, кој како поранешен маринец живеел во СССР и се вратил во САД со жена Русинка и кој како таков требало тој ден да биде под строг безбедносен надзор – не бил контролиран од никого и слободно се движел наоколу. Па кој воопшто би се сомневал во него, нели?

(Продолжува)