Според вековната традиција вевчанци своите костими ги подготвуваат во текот на целата година, а се верува дека преку овој настан се бркаат злите духови и лошите работи
Традиционалниот Вевчански карневал почна денеска во 13 часот со дефиле на карневалските маски низ вевчанските улици.
Според вековната традиција вевчанци своите костими ги подготвуваат во текот на целата година, а се верува дека преку овој настан се бркаат злите духови и лошите работи.
Овој настан секогаш буди голем интерес кај посетителите поради сатиричните пораките што ги пренесуваат, со кои се исмеваат аномалиите во општеството и актулените политички случувања.
Манифестацијата почна синоќа со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ и настап на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани.
Годинава локалната самоуправа застана зад организацијата, со запазување на здравствените протоколи.
Вевчански карневал 2022 завршува утре на пладне со традиционално василичарско оро и палење на маските како дел од верувањето.
Вевчанскиот карневал е стар повеќе од 1.400 години и претставува спој на паганското и современото. Негови главни карактеристики се: архаичноста, таинственоста и современото. Во карневалот се испреплетени традиционалните обредни игри и современите маски, а се изведуваат во чест на верскиот празник Свети Василиј Велики – заштитник на вевчанските василичари, на вевчанци и на Вевчани.