Премиерот Димитар Ковачевски вели дека по директна наредба на Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ се напаѓа неговото семејство, посебно неговите сопруга и малолетна ќерка. За ќерката, Ковачевски рече дека по наредба на Мицкоски биле правени недолични видеа на апликацијата Тикток во периодот кога се усвојуваше францускиот предлог за почеток на преговорите со ЕУ во јули минатата година.
-Има една работа што не сум ја кажал. Директно по негова наредба, за мојата малолетна ќерка, во текот на јули минатата година, кога се носеше францускиот предлог, беа правени недолични видеа на апликацијата Тикток и јас за ова од таков нечовек не барам извинување – кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата за одлуките од вчерашната владина седница.
За сопругата, премиерот рече дека била напаѓана за време на собраниската расправа за владина реконструкција месецов, бидејќи, како што кажа тој, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немале никакви аргументи во однос на реконструкцијата.
-Јас и моето семејство сме под директен напад, посебно мојата сопруга, и под директна наредба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од прв ден. И до таква атмосфера дојде бидејќи немајќи никакви аргументи ВМРО-ДПМНЕ во расправата во Собранието во однос на реконструкцијата на Владата и со оглед на тоа дека нивниот претседател кажуваше дека имал 61 пратеник за да ја турне Владата, а излезе дека Владата има зголемено парламентарно мнозинство од 65, што се потврди вчера, па по негова наредба дискусиите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа исклучиво насочени против мојата сопруга иако тој знае за одредени здравствени предизвици кои што мојата сопруга ги имаше и ги има – кажа Ковачевски.
Toj за нападите кон неговото семејство зборуваше откако беше прашан дали ѝ се извинил на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменковска-Трајковска. Според опозициските пратеници, за време на собраниската расправа за владината реконструкција, премиерот на пратеничката од место ѝ дофрлил навреда за физичкиот изглед. Тој рече дека ѝ се јавил на пратеничката да ѝ се извини.
-Јас тоа што го кажав од место го кажав и на говорница бидејќи веднаш после почитуваната пратеничка излегов на говорница. Меѓутоа, веројатно кога зборувате од место со други колеги може да биде нешто протолкувано погрешно или да биде протолкувано различно од тоа што јас сум го кажал. Меѓутоа, со оглед дека пратеничката која исклучително ја почитувам сметаше дека сум кажал нешто што ја навредило, јас телефонски ѝ се јавив и ѝ се извинив доколку таа се нашла со што било навредена од тоа што го разбрала од тоа што јас сум го кажал во разговор со други колешки во Собранието. Исто така ѝ се јавив и на претседателката на форумот на жени на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи и тие имаа соопштение и на ист начин исто така кажав дека доколку нешто било разбрано што јас сум го кажал на начин кој што ги навредил пратеничката и нејзините колешки, исто така дека се извинувам и нормално е тоа да го направам – кажа Ковачевски.