Фото: Влада

Бугарскиот премиер Кирил Петков во видеообраќање го повика претседателот на државата Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков рекол дека бугарската влада нема да направи ништо без широка национална согласност и усогласено со коалицискиот договор на владејачката коалиција во земјата.

Петков рекол дека во Консултативниот совет за национална безбедност учествуваат сите партии, сите служби и претседателскиот кабинет и го повикал Министерството за надворешни работи да достави извештај за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Македонија. Тој побарал за овој извештај да се расправа и на редовниот коалициски совет следната недела.

Бугарскиот премиер потврдил дека владата нема да направи ништо врз основа на надворешен притисок и пред целосно разбирање на ниво на коалициски совет, длабока дискусија во Консултативниот совет за национална безбедност и јасен и потврден став на највисокото тело во бугарскиот парламент.

Според премиерот Петков, конечниот легитимен мандат на темата Македонија го има единствено Народното собрание на Бугарија и тоа треба да биде апсолутно јасно на целото бугарско општество и на надворешните партнери на земјата.