Министерството за внатрешни работи информира дека постапува по барање добиено од австриските власти за проверка на лице кое е по потекло од земјава, а кое е осомничено за планиран терористички напад во Виена.
– Ве известуваме дека од страна на австриските власти до Министерството за внатрешни работи е пристигнато барање за проверка на лице кое е по потекло од Македонија, а истиот е осомничен за планиран терористички напад во Виена. Од наша страна се постапува по однос на доставеното барање – информираат од МВР за МИА.
Австриската полиција уапси две лица осомничени за планирање напади на концерти на мегаѕвездата Тејлор Свифт што требаше да се одржат во Виена. Едното лице, 19-годишник, како што објавуваат австриските медиуми е со потекло од Македонија.
Генералниот директор за јавна безбедност при австриското МВР, Франц Руф, го опиша 19-годишниот уапсен во Терниц како „непосреден главен сторител“, додека второто уапсено лице е 17-годишник, пренесува Австриската новинска агенција – АПА.
При вчерашниот претрес на куќа запленети се повеќе хемиски супстанци и технички средства. Тие сега ќе се оценуваат. Според Руф, пред само неколку недели, осомничениот дал заклетва за лојалност кон актуелниот водач на терористичката Исламска држава на Интернет.
-Двајцата уапсени се родени во Австрија, родителите на 19-годишникот имаат корени од Северна Македонија, а мајката на 17-годишната е Австријка – изјави генералниот директор за јавна безбедност Руф.
Апсењата на двајцата, според Руф „ја минимизираа заканата за оваа мала група“, а откажувањето на концертите на Тејлор Свифт беше „одлука и одговорност на организаторите“.
Руф потврдува дека имале дојава од странски служби, по што била спроведена истрага во комбинација со сознанијата на австриската разузнавачка служба.