Проф. д-р Михаил Гаревски

Македонските граѓани можат да бидат спокојни бидејќи по синоќешниот земјотрес во близина на Тирана не треба да постои ризик, дури и да продолжат афтершоковите, вели сеизмологот, проф. д-р Михаил Гаревски. Според првичните информации, магнитудата на земјотресот изнесувала 5,2 степени, а епицентарот бил на 29 километри од албанскиот главен град, на длабочина од два километра. Потресот беше почувствуван во повеќе македонски градови, а се чини дека најмногу ги вознемири жителите на Дебарско.

– Ќустендилскиот расед што поминува во регионот е познат, но Дебар е со своја сеизмичност. Во Дебар е почувствуван потрес како резултат на земјотресот во Тирана, бидејќи не е многу оддалечен од епицентарот. Дури и кога има голема магнитуда, ризикот за оштетувања е мал поради оддалеченоста, со што акцелерацијата на тлото, односно јачината на земјотресот, се намалува од Тирана до Дебар. Не треба да постои ризик, макар и да продолжат афтершоковите. Се очекува смирување на тлото и граѓаните на Дебар можат мирно да спијат. Слична беше ситуацијата и по неодамнешниот земјотрес во Лерин, Грција, по што граѓаните на Битола беа исплашени. И тогаш кажав дека битолчани можат мирно да спијат, откако доаѓаше до намалување на акцелерациите – категоричен е Гаревски.

Земјотресот во Тирана, според Гаревски, на извесен начин е поврзан со силниот потрес од 6,4 степени што го погоди албански Драч во ноември 2019 година.

– Помина подолг период по земјотресот до Драч, па овој потрес не е типичен афтершок, но може и да се нарече така. Станува збор за редистрибуција на напрегањата на регионот до Тирана што претставува тригерување за земјотресот. Според магнитудата од 4,7 степени, тоа не е силен земјотрес, но блиску е до Тирана и затоа е силно почувствуван таму. Ваквата јачина може да биде доволна за да ги разбуди луѓето. А според сведоците што ја користеле апликацијата на Евромедитеранската сеизмолошка опсерваторија, јачината е доволна за да дојде и до помали оштетувања, на пример на оџаците. Според скалата на интензитет, земјотресот е почувствуван и во Скопје, Прилеп, Битола, како и во Дубровник, Подгорица и во Приштина во регионот – посочува Гаревски.

Сеизмологот наведува дека земјотресите како тиранскиот не претставуваат изненадување бидејќи Албанија е сеизмички активен регион.

– Албанија е сеизмички активен регион, дури поактивен од сеизмичноста на Македонија, па потресите од оваа магнитуда не се изненадување. Првичните информации велеа дека станува збор за земјотрес од 5,2 степени според Рихтеровата скала, но сега има податоци дека магнитудата е 4,7/4,2 степена. Потресот е резултат на високата сеизмичност, а причина претставува колизијата на евроазиската и африканската плоча, меѓу кои се наоѓа јадранската микроплоча. Со вовлекувањето на јадранската микроплочка доаѓа до субдукција и таа ги притиска динаридите што резултира со земјотрес. Има најмалку 800 вакви земјотреси годишно во светот – објаснува Гаревски.

Тој истакна и дека непосредно пред земјотресот во Тирана бил забележан потрес во регионот на Радовиш со магнитуда од 2,7 степени. Гаревски додава дека во Кресна, Беровско, своевремено е забележан еден од најсилните земјотреси во Македонија и во Европа, со магнитуда од 7,2 степена според Рихтеровата скала. М.Ж.