Пендаровски во манастирот „Прохор Пчински“, Ковачевски во Крушево, Џафери на Пелинце.
Под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“, македонскиот државно политички врв го почнува честувањето на националниот празник 2-ри август Илинден и 119-годишнината од Илинденското востание.
Програмата почнува вечерва во Крушево кога традиционално ќе биде отворена и манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, на која треба да се обрати и премиерот Димитар Ковачевски, а утре продолжува и централната прослава на Мечкин камен. Во објава на социјалните мрежи Ковачевски веќе испрати порака дека славата и делата на илинденските херои, се силата за иднината, тие се доказ дека секоја борба вреди, кога се има вредна цел.
10-те дена Крушевска Република симболот на нашата, македонска самобитност и непокор, на нашата континуирана борба за слобода и подобро утре, на нашата заложба за мултикултурно и мултиетничко општество. Илинденците со оружје во рака се бореле за нашата генерација денес да може да води други, поинакви битки, битка за просперитет, подобра иднина и напредок за сите граѓани во Македонија, порача Ковачевски.
Во Скопје пак претседателот на државата Стево Пендаровски ќе положи цвеќе пред споменците на паднатите борци, а потоа ќе ја предводи и државно–црковната делегација во манастирот Прохор Пчински местото каде што е основана современата македонска држава. По 18 години повторно се возобновува традицијата за заедничко чествување на празникот заедно со српската страна.
Собранискиот спикер Талат Џафери го организира одбележувањето на 119 години од почетокот на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ.