Фото: МВР

Последните месеци од годината бевме сведоци на еден современ феномен на хибридни напади, кои покрај државите од регионот, од Европа, како и САД, Канада и Нов Зеланд, не ја заобиколија ни нашата држава.

Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на годишниот брифинг со медиумите на кој оцени дека ова е годината со предизвици за полицијата, посебно, како што рече, каде Ковид кризата се трансформираше во друга глобална криза – хибридните напади.

– Еволуцијата на криминалот, кој сега доаѓа без лице и без идентитет, ги брише границите и има способност во исто време да е на повеќе места, бара поагресивен заеднички одговор. Притоа, станува збор за исклучително комплексни истражни дејства поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка, како и со барања за меѓународна правна помош. А благодарение на вас, медиумите, на вашето навремено и брзо информирање, кои заедно со граѓаните создадовте широк фронт во кој сите сме партнери, креаторите на оваа хибридна војна не успеваат во целта да создадат паника, страв и крах на системот. Затоа, ова ќе ни остане еден од врвните приоритети и во идната 2023 година – истакна Спасовски.

Сепак, нагласи министерот, 2022 година ќе остане запаметена и по неколку убави работи, а тоа е дека по 17 години од добивањето на кандидатскиот статус, земјава ги почна пристапните преговори со Европската Унија, со отпочнување на скринингот на европското законодавство, како прв чекор во процесот, кој и МВР го започна и засега успешно го реализира.

– Годинава ја имав честа да го потпишам и Договорот за ФРОНТЕКС со еврокомесарката Јохансон на 26 октомври тука во Скопје, на македонски јазик без фусноти, кој е првиот официјален Договор потпишан помеѓу нашата држава и ЕУ по започнувањето на преговорите. Овој месец со еврокомесарката Јохансон го потпишав и вториот документ со Европската Комисија поврзан токму со Заедничкиот план за акција за борба против тероризмот во Западен Балкан – информираше Спасовски.

Во однос на сработеното и постигнатите резултати во делот на сигурноста и безбедноста, борбата со криминалот, одржувањето на јавниот ред и мир, спроведување на законите и чување на уставниот поредок и институциите на системот, министерот рече дека статистиката говори за стабилизација и намалувачки трендови на криминалните области, со шест проценти намалување на вкупниот криминалитет, како и зголемена ефикасност на полицијата, при што откриените кривични дела од организиран криминал бележат зголемување од 40 отсто.

– Дури за 70 проценти бележиме зголемување на откриените дела поврзани со криумчарење мигранти, а зголемување за 28 отсто имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Одлични резултати постигнавме и во спречување на организираниот криминал и шверцот со наркотици. Сузбиени се вкупно 14 организирани криминални групи во кои членувале 66 лица, од кои 12 за недозволена трговија со дрога. Да потсетам, годинава МВР ја уништи досега најголемата количина на наркотични супстанции и дрога во печките на скопска Железара. Стануваше збор за над 10 тони дрога запленета до август оваа година и по основ на правосилни судски одлуки по завршени кривични постапки и по судски решенија за нејзино уништување. Од нив над 8,2 тона марихуана, околу 100 килограми хероин, хашиш и кокаин, над илјада растенија, семки од канабис, како и 1,2 милиони парчиња психотропни супстанции, односно дрога која на црниот пазар би достигнала, според проценките, вкупна вредност од некаде 26 милиони евра – информираше Спасовски.

Тој потсети дека со промена на законската регулатива на двата матични закона – за внатрешни работи и за полиција, се исполнија препораките кои произлегуваат од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на земјава – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритетот кај централната власт и органите за спроведување на законот“, а притоа, додаде Спасовски, откриени се 124 кривични дела поврзани со корупција „тешки“ 227 милиони денари, чии сторители во најголем дел се вработени во државни институции и јавни установи и претпријатија.

Министерот информираше и за 78 целосно реконструирани објекти, набавени униформи и опрема за сите организациски единици во МВР, трето зголемување на платата за пет проценти во период од шест години од 01.09.2022, како и исплатени бонус плати за околу 6.000 вработени, како бонус за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година.

– Затоа, на мое големо задоволство, сега можеме да зборуваме за висока доверба кон полицијата од 50 отсто од испитаните во анкетата спроведена од Меѓународниот републикански институт, што докажува дека МВР е целосно реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани, истакна Спасовски.