Трите партии – партнери на партијата „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов во бугарската владејачка коалиција – „Промената продолжува“ (ПП), „Бугарската социјалистичка партија“ (БСП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) се оградија од неговиот став во кој стартот на преговорите на Македонија со ЕУ го поврза со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.
Како што јави БГНЕС, координаторот на Пратеничката група на ПП во бугарското Собрание, Андреј Ѓуров истакнува дека Бугарија има јасен став и стратегија за односите со земјава.
– Имаме стратегија како да ги водиме разговорите – да ги водиме многу поинтензивно, на пошироко ниво, а не само во насока на историското минато. Целта е тоа да помогне да ги приближиме нашите позиции во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Ова е ставот на коалицијата и на ПП – Вели Ѓуров за Нова ТВ.
Според него, работите што ги споменува Трифонов не треба да се поврзуваат една со друга.

– Тоа не функционира на меѓународно ниво – да се поврзува една одлука со друга – додаде Ѓуров.

Атанас Атанасов, копретседател на ДБ вели дека лично не гледа ништо лошо во ставот на Трифонов, но оценува дека нештата „не треба да се поставуваат на таков начин“, бидејќи укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД нема никаква врска со приемот на земјава во ЕУ.
– Членството на Северна Македонија во ЕУ е важно прашање за Бугарија. Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Да ги спроведеме договорите – вели Атанасов, додавајќи дека ДБ не го поддржува предлогот на Трифонов.

ЕУ-перспектива на Македонија останува меѓу најголемите предизвици за Бугарија, вели Вигенин

Ваквите реакции на Трифонов уследија по неговата објава на Фејсбук во која наведува дека ако Американците толку многу сакаат Македонија да е во ЕУ, тогаш на граѓаните на Бугарија да не им требаат визи за да одат во Америка, како на граѓаните на повеќето земји од Европската Унија.

– Бидејќи сме полноправна членка на Европската Унија, Бугарија мора веднаш да стане членка на Шенген зоната. По чекање и чекање и ние треба да бидеме Европејци. Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за Америка и за членките на Шенген зоната – наведе Трифонов.

По реакциите во бугарската јавност на ваквиот став, Трифонов во нова објава на Фејсбук упати „дообјаснување“ кон земјава и кон партнерите на Бугарија во НАТО и ЕУ.

„Кон Република Северна Македонија: Вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка што го потпишавте со Бугарија, вклучително и се што е поврзано со историјата на Бугарија. Според него граѓаните на Северна Македонија „треба да си ги признаат историските бугарски корени“. Кон нашите партнери од НАТО и ЕУ: Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген. Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно“, наведе Трифонов во новата објавата на Фејсбук.