Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова вечерва најави дека ќе се прави истрага зошто во буџетот на Министерството не се наплатени 153 милиони евра од носителите на А-интегрирана дозвола, а 492 милиони евра се отпишани како застарени.
– Евидентиран е недостаток со Извештајот на Државниот завод за ревизија, правиме напори да го надминеме за да немаме вакви состојби и во иднина, а тоа значи дека ќе направиме контрола прво на сите издадени решенија, на сите што треба да се издадат, особено во однос на А-интегрираните дозволи. Во однос на надоместоците преземаме сериозна акција за да се воспостави еден систем на контрола. Најверојатно ќе биде некое софтверско решение во кое точно ќе знаеме влез и излез, направено и ненаправено за да можеме да знаеме кој правилно работи, а кој греши – кажа министерката во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Во МЖСПП, како што рече Шукова, направена е група која ќе ги издвои сите надоместоци за животна средина на едно место, ќе ги евидентира и ќе најде механизам за проверка дали надоместоците се соодветно платени во централниот буџет.