Доколку некој се одлучи да купи имот или да го промени сопственикот ќе треба да плати поскап имотен лист, па наместо досегашните 1250 денари новата цена ќе биде околу 4.000 денари. Освен имотниот лист, поскапуваат и геодетските услуги за кои Владата на 30-ти јануари дала согласност, а новиот тарифник стапил на сила на 15-ти февруари.
– Во претходниот тарифник овој надоместок се наплаќаше по правен основ, односно поднесено барање и во еден правен основ можеше да се содржани неограничен број на имотни листови. Сегашниот надоместок останува непроменет, но се однесува на еден имотен лист. Овој надоместок се наплаќа само при првиот упис и кога се менува сопственикот. Секое следно вадење имотен лист останува со цена од 250 денари – информираат од Агенција за катастар на недвижности.
Од Агенцијата за катастар велат дека зголемувањето било направено поради зголемените реални трошоци за струја, гориво, лиценци за софтвери, одржување на опрема, зголемувањето на платите и друго, кои биле основа за пресметување на надоместокот, а се однесуваат за извршување на геодетски работи.Освен поскапување, следи и намалување информираат од катастар.
Со овој тарифник е извршено намалување на цените на податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем во категоријата геодетски точки, сервисите на МАКПОС, податоците од катастарот на земјиште, податоците од Регистарот на просторни единици се бесплатни, а копијата од катастарскиот план исто така е со намалена цена – се наведува во информацијата од Катастар.