Од неколкудневната опсервација на новинарска екипа од „Нова Македонија“ на повеќе крстосници во главниот град и анализа на односот на возачите и нивното почитување на светлосната сигнализација, на крстосниците на кои всушност е и најфреквентен сообраќајот, нашата екипа лесно успеа да донесе заклучок дека возачите всушност на жолтото светло „исклучително често реагираат со притискање на педалот за гас“
Новинарско истражување: Вообичаени реакции на возачите при управување со моторно возило што треба да се коригираат
Семафорското решение на сообраќајниците можеби не е најидеално решение за сообраќајниот метеж, но мора да се согласиме дека е решение што спречува создавање хаос и несреќи. Иако кружните текови, според сообраќајните инженери, се најидеални за беспрекорен тек на сообраќајот, семафорите се тие што го регулираат движењето и ги информираат возачите за постапките што треба да ги преземат. Кај нас многумина ги игнорираат светлосните сигнализации преминувајќи на црвено светло, а има и загрижувачки многу такви што на жолто светло, наместо да се подготват за запирање, го притискаат педалот за гас. Со оглед на тоа што за едни жолтото светло значи „гас“, а за други „кочи“, се поставува прашањето: Како е правилно кога веќе се вклучува жолтата, предупредувачка светлина на семафорот, да застанеме или да продолжиме со возење?
„Да застанам или да возам уште побрзо?“
Жолтото светло на семафорите може да биде збунувачко за возачите. Кога ќе се вклучи, по зеленото светло, токму жолтото светло бара брза одлука од возачот во близина на семафорите. При приближување до раскрсница на која сообраќајот е контролиран со семафори, зеленото светло значи – слободен премин, а црвеното „стоп“.
Очекувано, многу возачи се збунети од жолтото светло. Што кога ќе се вклучи додека возите?
Според Законот за безбедност во сообраќајот, жолтото светло означува забранет премин, освен во случај кога возилото не може безбедно да застане пред семафорот.
Значи, приоритет е запирање или безбедно запирање.
Жолтото светло вклучено во исто време со црвеното светло означува непосредна промена на светлината и појава на зелено светло, но не ја менува забраната за премин дадена од црвеното светло.
Од неколкудневната анализа на семафорите во Скопје, каде што всушност е и најфреквентен сообраќајот, екипата на „Нова Македонија“ лесно успеа да донесе заклучок дека возачите всушност на жолто светло знаат само да го притиснат педалот за гас.
Го анализиравме сообраќајот на неколкуте најфреквентни крстосници, каде што и се уверивме дека и по вклучувањето на жолтото, па и неколку секунди на црвеното светло, возачите продолжуваат да возат притискајќи го педалот за гас.
Ретките возачи што на првото вклучување на жолтото светло уредно закочуваа, добиваа дури и свирежи од возачите на кои очигледно им се брзаше да поминат побрзо.
На нашето прашање зошто, и покрај тоа што треба да застанат, тие возат, некои од возачите што ги прашавме одговорија дека брзаат, додека други рекоа дека не им се чека, што, за волја на вистината, се поразувачки информации.
Анкетиравме повеќе десетици возачи и, од нив, само еден рече дека на жолто светло ја намалува брзината на движење на возилото, за да може уредно да закочи.
Сите други одговорија дека даваат гас оти се во дилема – не знаат што да направат?!
– Ако кочам а сѐ уште смее да се вози, ќе направам хаос, а може и да ме удри некој залетан од назад. Затоа и гледам секогаш да стиснам гас и да поминам, иако честопати се случило тоа да биде на црвено – вели Александар, возач што одговори на прашањата на нашата екипа.
Првиот семафор не бил со овие бои
Црвената, жолтата и зелената се боите на семафорите денес, но не било секогаш така. Првиот обид за поставување семафор бил на 10 декември 1868 година, кој е и официјален датум на поставување на првиот семафор во светот. Тој се наоѓал во Лондон, пред британскиот парламент, а работел на плин. Семафорот се состоел од два подвижни знака прикачени на краци, кои се управувале со помош на лост, а бил осветлен на врвот, за да се обезбеди видливост дури и ноќе. Сепак, семафорот не траел долго, по два месеца експлодирал и убил полицаец што поставувал знаци.
Дури откако струјата станала вообичаена во градовите, тие станале подготвени за семафори. Првиот град во кој бил поставен семафорот бил Кливленд во Америка. Детроит и Њујорк додале жолто помеѓу црвеното и зеленото светло во 1920 година.
Во Европа првиот семафор се појавил во Париз во 1923 година, а потоа и во другите поголеми градови: Берлин поставил семафори една година подоцна, а потоа следувале Милано, Рим, Лондон, Прага и Барселона.
Првата конвенција за унифицирање на патната сигнализација била потпишана во Женева во 1931 година. Нејзината цел била да ја зголеми безбедноста на патниот сообраќај и да го олесни меѓународното движење по патиштата со единствена сигнализација. Поголемиот дел знаци што ги гледаме денес на улиците биле одредени со тој договор, а семафорите со три бои (црвена, жолта, зелена) станале стандардни.
Боите на семафорите се земени од железничкиот сообраќај. Отпрвин, железницата користела црвена боја за да означи стоп, бела за да покаже движење и зелена за да покаже претпазливост. Сепак, белата боја не се покажала како добро решение, бидејќи можела лесно да се помеша со ѕвездената светлина ноќе. Така, била воведена жолтата боја.
Кога станува збор за перцептивноста на боите, црвената има најдолга бранова должина, а потоа следуваат жолтата и зелената. Боите со најдолги бранови должини се избираат за сигнализација бидејќи подолгите бранови должини можат да поминат поголемо растојание. Како резултат на тоа, црвеното светло може да помине најголемо растојание при дожд и магла.