Фото: Клиничка болница Битола

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, каде што почина петгодишната Јана Христовска. Здравствените инспектори, констатирале дека на девојчето му била дадена глукоза заедно со физиолошки раствор – но тоа не е констатирано како грешка на педијатрите кои го третирале девојчето. Направен е и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето.

– Детето било донесено за преглед на одделението на 22 март 2023 година околу 10 часот, без претходен упат од матичен доктор. Било примено на преглед од специјалист педијатар, кој искреирал итен упат со упатна дијагноза E86 – дехидратација во 10 часот и 7 минути. Добиен е анамнестички податок за покачена температура од пред три дена и болки во грло, заради кои мајката и дала сируп „ко-алмацин“. Ден пред приемот детето немало покачена температура, било со повраќање во два наврати, а од вечерта и отоци на очните капаци и болка во нозете, по што мајката го прекинала сирупот. Од клиничкиот преглед во наодот констатиран е присутен оток на очните капаци, хиперемични лаци во тонзилофарингеална регија и обложен јазик – велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Јана примила инфузија која била физиолошки раствор со 5 проценти глукоза, па одново е земена крв за дополнителни анализи со кои бил  проверуван и шеќерот.

– Потоа е креиран е упат за биохемиска лабораторија – уринарен, глуциден и ацидобазен статус, земени се примероци од крв и урина за анализа и потоа ординирана терапија –„хипоглусал 1“ – 500 милилитри и ампула „бедоксин“. По добиените резултати во 10.45 часот земени се и проширени анализи – крвна слика, ензимски статус, деградациони продукти, глуциден и протеински статус, електролити и липиден статус – објаснуваат од ДСЗИ.

Тие констатираат: „По завршување на инфузијата состојбата се влошила“.

– Дошло до појава на малаксаност, бледило, тахикардија и сомнолентност (поспаност). Докторката која извршила првично преглед побара помош од вториот присутен педијатар. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и било поставено на монитор и кислородна поддршка. Направени биле два ЕКГ-записи во 12.34  и во 12.42 часот и бил побаран конзилијарен преглед од анестезиолог од установата. Во меѓувреме детето направило срцев застој по што е направена реанимација. Извршена е и консултација со специјалисти – педијатри од Универзитетска клиника за детски болести од одделот за кардиологија и за неврологија за транспорт во таа здравствена установа. По препорака на анестезиолог во болницата направени се дополнителни анализи на ензимскиот и ацидобазниот статус (креатин киназа и тропонин ) во 13.34 и во 13.49 часот. Поради дополнително влошување на состојбата, во 14 часот детето е пренесено во службата за интензивно лекување каде што е направена кардио-пулмонална реанимација и дадена е терапија, но без успех. Од страна на анестезиологот е констатирана смрт во 15.20 часот – додаваат од ДСЗИ.

Изјави дале и специјалистите педијатри.

– По изјава на двете докторки – специјалисти педијатри по добиените резултати од направените ензимски иследувања за покачени показатели за срцево страдање (креатин, киназа и тропонин) известена е мајката на детето за сериозноста на состојбата. Телото на починатото дете е дадено на обдукција. Не се констатирани недостатоци во рамките на надлежноста на ДСЗИ – додава инспекторатот.

Освен за инспекцискиот надзор во битолската болница, од ДСЗИ засега нема информација дали е направен увид и во документацијата на починатото девојче која се водела кај матичниот доктор.

Родителите на девојчето  за медиуми изјавија дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.

Со став излезе и битолското Обвинителство, од каде што посочија дека издале наредби за да се утврди фактичката состојба.