Илустрација/Фото: З.А.

Проблемот кој со кучињата-скитници во Кичево се провлекува последните неколку децении, беше присутен и изминатата година кога во ОВР Кичево беа евидентирани 230 напади врз граѓани од страна на кучиња-скитници, потврди портпаролот Стефан Димоски.

– Во текот на изминатата година бројот на напади од кучиња-скитници врз недолжни граѓани во Кичево беше многу голем. За период од 12 месеци во Кичево беа евидентирани 230 напади од кучиња-скитници врз недолжни граѓани, а се работи за бројка на граѓани кои ги пријавиле своите напади во ОВР-Кичево – нагласи портпаролот Стефан Димоски.

Тој потврди дека бројот на нападнати граѓани од кучиња-скитници во Кичево секако е поголем, бидејќи дел од граѓаните од разни причини не ги пријавиле нападите.

Димоски потсети дека бројката на евидентирани напади во Кичево во 2022 година е нешто помала споредено со 2021 година, кога во овој град се евидентирани 273 напади врз граѓани од кучиња-скитници.

– Граѓаните кои со медицинска белешка го потврдиле нападот од кучиња-скитници имаат можност да ја тужат локалната самоуправа и да наплатат оштетување за претрпени повреди и трауми при овој напад. Бројот на пријавени напади секако е помал во однос на реалниот број евидентирани во ОВР-Кичево – додаде Димоски. З.А.