Албанската полиција уапсила четири лица, откако била разоткриена нивната шема, според која шверцувале украдени автомобили од Македонија и ги продавале како резервни делови во Албанија.
Уапсени се македонскиот државјанин А.А.(44) жител на Струга и албанските државјани А.Р.(21) жител на село Рајца, Либражд, Л.Д.(19) и М.Х.(23) и двајцата од село Радокал, Поградец.
-Четворицата во соработка шверцувале моторни возила од Северна Македонија, ги дислоцирале на подрачјето на Струга, а потоа преку зелената граница, во атарот на селата Рајца-Шутај, кај Струга, ги пренесувале на албанска територија и ги демонтирале во градовите Елбасан или Тирана, за да ги продадат како резервни делови – стои во полициското соопштение.
Се додава дека 22-ри овој месец, А.Р. илегално влегол од македонска на албанска територија со украден автомобил „Мерцедес”, кој штом забележал дека го гонат полициските сили, го напуштил и го оставил возилото кај селото Радокал, Поградец.
Продолжува истрагата за комплетирање на документацијата за криминалното дејствие на овие државјани во Македонија и Албанија, како и за идентификување и изведување пред лицето на правдата на другите лица вмешани во истата. Предметот е под надлежност на судот во Корча.