Министерот за правда Никола Тупанчевски денеска изјави дека се уште трае истрагата во врска со бегството од затворот Идризово., а не сакаше да ги коментира информациите дека Министерството за правда ќе биде предмет на преговори за влез на Алијансата за Албанците во Владата. Одговарајќи на новинарско прашање, рече и дека до него сè уште не стасале случаи поврзани со имињата на бугарските клубови и дека рокот за тоа се уште тече.
– Знаете дека првиот човек на Управата за извршување на санкции е разрешен и при коментирањето и сугерирањето за тоа каков би требало да биде правниот епилог за сиве овие настани што ни се случуваат, би требало да се има комплементарен пристап, а тоа значи каква и да е одговорноста и за кого било, би требало да биде индивидуална, констатирана и потенцирана. Сè уште трае истрагата, сè уште се констатираат дефектите, недостатоците што беа поврзани со последните настани. Јас верувам дека сето тоа ќе има и правен епилог, рече Тупанчевски.
Тупанчевски не сакаше да ги коментира информациите дека ќе има негова смена од министерското место за сметка на влезот на Алијансата за Албанците во Владата.
– Дефинитивно она што вие го слушате, го слушам и јас. Немам некоја поконкретна информација. Сведоци сме дека има некакви поместувања, дека тоа се во иницијални преговори и разговори итн. Она што сакам да потенцирам и посебно да подвлечам е дека ние како Министерство за правда до последен ден, ако има последен ден од мандатот, ќе ја завршуваме и ќе ја вршиме својата функција и своите обврски онака како што сме ги замислиле. Сепак, тоа станува збор за некој тип на политички контекст, не би сакал јас да го коментирам – рече Тупанчевски.
Министерот за правда одговарајќи на новинарско прашање, изјави до него не се пристигнати случаи од Комисијата формирана со измените на Законот за здруженија и фондации, а кои се однесуваат на имињата на бугарските клубови.
– Не затоа што има и рокови кои им даваат можност да ги анализираат предмети кои се стигнати до нив – рече Тупанчевски.
Владата беше задолжена да формира Комисија, појасни тој, која треба да ги разгледува случаите што стигнале до неа и да предложи до Министерот за правда да преземе одредени дејствија кои што би значеле заокружување на таа правна целина.
Тупанчевски исто така кажа и дека во Министерството за правда има работна група која работи на нов закон за здруженија и фондации.