Фото: Нова Македонија / Архива

Бројот на сообраќајни несреќи на подрачјето на Општина Гевгелија е значително намален во првата половина од годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Полициската станица со општа надлежност во Гевгелија. Надлежните истакнуваат дека се намалени и последиците од незгодите, но предупредуваат дека во летната сезона сѐ почесто се регистрираат возачи кои на автопатот А1 управуваат со брзина поголема од 200 километри на час, пренесе МИА.

-За периодот од јануари до јуни, вкупно се евидентирани 49 сообраќајни незгоди наспроти 79 лани во тој период. Се бележи и намалување во однос на последиците од тие несреќи. На автопат оваа година во однос на лани ни се намалени сообраќајните несреќи, бидејќи зачестено е нашето присуство, особено во летните месеци, за време на туристичката сезона и го покриваме подрачјето во раните утрински часови, кадешто претходните години имаше сообраќајни незгоди поради замор кој е најчеста причина или како го викаме ние, тоа е најтивкиот убиец –  соопшти претставник на Полициската станица со општа надлежност во Гевгелија.

Според полициските податоци, годинава на подрачјето на Општина Гевгелија не е регистрирана ниту една сообраќајна несреќа предизвикана од замор кај возачите, што, според надлежните, е резултат на засиленото полициско присуство на автопатот А1.

-Покритичниот дел ни е од клучката Миравци кон Граничниот премин Богородица, кога сите брзаат кон Република Грција за одмор. Како и секоја година така и оваа имавме кампањи со порака „Вози одморен, за безбедно лето“, со цел да ги потсетиме возачите да прават почести паузи, особено кога се екстремно високи температурите – информираа од ПС Гевгелија.

Оттаму велат дека најризичен период е од 5 до 8 часот наутро, кога полициските патроли се најприсутни на терен. Иако на Коридорот 10 функционира системот „Сејф сити“, полицијата патролира и на локации што не се покриени со камери.

-Во летниот период имаме енормни брзини на возење на автопатот каде се управува со брзина од повеќе од 200 километри на час. Од јуни навака, секој втор ден имаме случаи странец да го сторил делото, па се поднесува кривична пријава во итна постапка. Тоа ни е зачестена појава. Интересно е што туристите се изненадени и не нѐ очекуваат во раните утрински часови. Завчера, на пример, до 5.30 наутро имавме 222 прекршоци за брзо возење – додаваат од ПС Гевгелија.

Податоците покажуваат и значително намалување на сообраќајните незгоди поврзани со алкохол. Во јуни годинава биле евидентирани шест такви случаи, наспроти 18 во истиот месец лани.

-Од потешките прекршоци најзастапен ни е прекршокот брзина, а алкохолот ни е веќе на четврто место. Сето тоа е резултат на новите измени во Кривичниот законик, каде што управување со возило со над 1,50 промили алкохол во крвта веќе е кривично дело. Исто така, можеме да видиме дека навечер кога поминуваме во контрола на сообраќајот повеќе возат жени отколку мажи, фактички жените си ги возат мажите и тоа е за поздравување, што значи дека свеста е подигната кај возачите – соопштија од Полициската станица со општа надлежност во Гевгелија.