Фото: Пексел

Од анкетираните шеесетина возачи, повеќето од нив, односно дури 52 возачи возеа возило со рачен менувач. Од нив, 38 одговорија дека не сакаат да го заменат со автоматски, односно дека намерно купуваат возило со рачен менувач, бидејќи „не би знаеле како да возат автомобил со автоматски менувач“

Современите технолошки достигнувања несомнено го опфатија и автомобилскиот сектор, каде што речиси секојдневно се реализираат значајни иновативни промени. И тоа не се однесува само на компјутеризација на возилата туку и на опремата што се вградува внатре во нив. Ако во минатото возењето возило со автоматски менувач беше мисловна именка и таквите автомобили беа недостижни за најголемиот дел од луѓето, денес трендот на купување возила со автоматски менувач е во пораст, и тоа не само во високоразвиените земи туку и во Македонија. Со оглед на сѐ поголемиот интерес за таков вид возила, се поставува прашањето која е разликата меѓу возилата со автоматски менувач и оние со рачен и кои се поекономични за користење.

Кој е поисплатлив

Во време кога производителите на автомобили сè повеќе ги напуштаат класичните мануелни менувачи и се префрлаат на автоматски, се чини дека е соодветно да се постави прашањето: дали мануелните менувачи траат подолго од автоматските и дали возилата со „класичен“ менувач траат подолго од оние со автоматски менувачи.
И веќе на самиот почеток на приказната, одговорот е да! Возилата со рачен менувач имаат тенденција да траат подолго од оние со автоматски менувачи. Рачното менување на брзината, условно кажано, подобро се приспособува, односно подобро го усогласува тој систем со работата на другите склопови на возилата.
Сепак, ова не мора секогаш да биде случај. Така, на пример, кога возачот е премногу „груб на спојката“, ќе се истроши многу побрзо и ќе мора да се замени.
Сепак, за разлика од минатото, сега производителите се многу поусовршени во производството и по долгогодишното констатирање на недостатоците на возилата со автоматски менувач, најновите модели на автоматски менувачи се поефикасни од претходните генерации и побавно се „трошат“, па во идеални услови на експлоатација можат да се споредат со издржливоста на рачните менувачи.
Поради поголемиот степен на контрола што го има возачот, потрошувачката на гориво во возилата со рачни менувачи е поекономична отколку кај автоматските.
Сепак, потрошувачката на гориво, како и емисиите на издувните гасови, на кои производителите на автомобили им даваат сè поголем приоритет, многу зависат од староста на возилото.
Затоа, генерално, потрошувачката на гориво на сите нови автомобили е помала во однос на претходните генерации, а речиси и да нема разлика меѓу возилата со мануелен и автоматски менувач.
Едноставната механика на рачниот менувач, според американската аналитичка куќа „Едмундс“, исто така игра значајна улога. Според нивната анализа, „модерните автоматски менувачи добија дополнителни брзини и помалку се потпираат на конверторот на вртежниот момент, па затоа ги надминаа мануелните менувачи кога станува збор за потрошувачката на гориво“.

Дефекти и трошоци за одржување

Ако се земат предвид вкупните трошоци за одржување автомобил со двата типа менувач, тогаш дефинитивно треба да се размисли за рачен менувач. Тоа е, сам по себе, технички многу поедноставен систем, поради што неговото одржување и поправки се многу поевтини.
Не е дека трошоците за одржување воопшто не постојат, но тие можат да варираат од случај до случај, велат познавачите.
Заменувањето на кабелот за спојката, на пример, не е скапо, иако целата спојка е скапа, сепак овие трошоци ќе бидат значително пониски од трошоците за повеќето дефекти на автоматскиот менувач во текот на многу години работа.
Меѓутоа, во денешно време, самата достапност на автомобил со рачен менувач е сè поклучен фактор при изборот на нов автомобил, односно одреден модел. Сè помалку производители прават рачни менувачи, па не е реткост дури и да сакате, кај некои модели воопшто да не можете да ги најдете во понудата.
Доколку автомобилот што сакате да го купите се нуди и со рачен менувач, а мислите дека сте доволно добар и искусен возач што нема брзо да ја „запали“ спојката, стариот добар мануелен менувач би можел да биде вистинскиот избор.

Какви возила претпочитаат во Македонија

И за оваа тема „Нова Македонија“ направи анкета, која овој пат ја реализиравме на патарините кон Тетово и Велес.
Од анкетираните шеесетина возачи, повеќето од нив, односно дури 52 возачи возеа возило со рачен менувач. Од нив, 38 одговорија дека не сакаат да го заменат со автоматски, односно дека намерно купуваат возило со рачен менувач, бидејќи „не би знаеле како да возат автомобил со автоматски менувач“.
– Од долгогодишната навика што ја имам на возење автомобил со рачен менувач, јас ако седнам во возило со автоматски менувач ќе го скршам менувачот, поради навиката. И поради тоа не сакам да ги менувам навиките, научен сум да возам вака – беше една од најинтересните, но и најчести изјави што анкетираните возачи ни ја дадоа.
Од тие 38 возачи, околу десетина анкетирани беа жени, кои одговорија дека возат возило што нивните сопрузи, татковци или други блиски машки личности им го одбрале или сугерирале во одлуката да го купат.
– Јас навистина не се разбирам и не знам што е подобро. Возам возило што мојот сопруг го одбра врз база на фактори како потрошувачка, евтини делови… не сум возела автоматик и не знам дали би се снашла. Тој автомобил има две педали, гас и сопирачка, има менувач, кој не треба да го користиш постојано… не сум размислувала дали би возела, вака звучи како голем предизвик – вели Сузана Христовска.
Оние, пак, осум возачи што ги начекавме со автоматски менувач велат дека се презадоволни, но и дека при купување нов автомобил велат дека повторно би купиле автоматик.
– Нема менување брзини, нема стискање куплунг на секое запирање… Кај автоматските менувачи е многу просто. За назад ставаш во „Р“, за стоење стискаш „П“, за возење „Д“. На големи нагорници немаш проблем со тргнување, немаш страв дека возилото ќе се врати назад, едноставно е, сето тоа го прави самиот автомобил. Кога ставате во „Д“ или „драјв“ самиот автомобил се движи без вие воопшто да стиснете на педалот за гас. Кога ставате во „П“ возилото стои и не трга додека не го смените менувачот – вели Баже Димовски.
Според другите возачи на автоматик-возила, можеби најголем проблем кај нас е сервисот, затоа што сѐ уште преовладуваат возила со рачни менувачи.
– Ако имате потреба од сервис, мора да го носите на овластен, кој е скап и каде што се чека премногу. Тоа е многу голем проблем и, секако, повеќе чини поправката на автоматските од рачните менувачи – вели Христијан Трајанов.


Пет вообичаени грешки на возачот што го чини оштетување на менувачот
на автомобилот

Не е потребно само возење според прописите за да се одржи автомобилот во добра состојба.
Затоа постарите и поискусните возачи често им укажуваат на младите на грешките што не влијаат на безбедноста при возењето, но многу влијаат на издржливоста на механичките компоненти на автомобилот. А голем дел од нив се однесуваат на неправилно ракување со рачниот менувач.
За разлика од автоматскиот, мануелниот менувач нуди подобра контрола над возилото, но во исто време бара поголемо внимание од возачот кога работи. Секој искусен механичар знае дека безгрижното возење неколкукратно го зголемува абењето на спојката.
Помалку искусните возачи често повторуваат пет грешки, од кои секоја значително го зголемува абењето на сите делови на рачниот менувач.

  • Ја потпираат десната рака на рачката на менувачот.
  • Држење на педалот на куплунгот кога стоите долго време со вклучен мотор.
  • Стоење на угорнина со стиснат куплунг, а не со рачна сопирачка.
  • Ненадејно забрзување во голема брзина.
  • Потпирање на левата нога на педалот на куплунгот наместо на потпирачот за стапалото.