Фото: принтскрин

Бујар Османи како функционер нема право да дава свои мислења, смета адвокатот Трајче Торов, кој го застапува Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) во тужбата против министерот за надворешни работи. Тој посочи дека се бараат 10.000 евра од Османи, доколку се докаже дека го исклеветил здружението. Доколку сака да критикува, Османи треба да даде оставка и да биде на исто ниво како граѓаните.

– Суштината е дека не смее функционер, властодржец кој има моќ, да ги навредува финансиерите на борците за човекови права и борците за човекови права. Финансирањето на Здружение на македонското малцинство од Бугарија да се третира како сомнителна работа и како антидржавен елемент е ставање на мета на тие финансиери и здруженија. Се обвинуваат здруженијата дека се сами криви за состојбата во која се нашле оти прифаќаат помоѓ од кој било. А тужениот е тој што треба да ги помага и има должност да ги помага жртвите кои имаат повредени човекови права, а не да се става од друга страна да ги навредува помагачите на тие жртви – кажа адвокатот Трајче Торов – Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП).

Според него, Османи од позиција на моќ кажува кој е државен, а кој е антидржавен елемент.

– Терминот „сомнителен“ се употребува за некој што е помалку вреден и треба да се изтражува. Тоа ставање еден вит мета на тие лица. Секако е омаловажување, не е еднакво тоа лице со оние кои не се сомнителни. Тоа е доказ за навредата и омаловажувањето со ваквите изјави, особено од функционер кој е платен од народот да се грижи за човековите права. Функицонер нема право да дава свои мислења и критики туку има само повеќе должности – додаде адвокатот.

Претходно, адвокатот Љупчо Илиев, кој го брани министерот за надворешни работи Бујар Османи во судскиот спор со Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), посочи дека тој го критикувал здружението, но не го клеветел. Според Илиев, Османи има право на тоа, иако е функционер кој креира јавно мислење. Прашан дали Османи ќе се појави на следно судење, за да сведочи: „Не можам да прејудицирам. Ние го предложивме, судот го прифати“.