Фото: Игор Бансколиев

Неодамна неколку производители на заштитни маски беа измамени од извесен нарачател Благоја, а познат е и случајот за украдени маски од некоја од скопските клиники, кои потоа биле препродавани на црно. Слични случаи има и на други места во државите од поранешна Југославија, каде што измамници низ разни лажни форми се обидуваат да заработат пари

Корона-измами како игри без граници

Нелегалната заработка користејќи ја состојбата со коронавирусот стана нејзин составен дел. Насекаде низ светот, поединци, помали групи луѓе, аптеки, маркети, дури и мафијата, се обидуваат да ги наполнат џебовите, препродавајќи разни медицински средства, кои во екот на пандемијата се препорачуваа како најдобри за заштита од ковид-19. Неквалитетни заштитни маски, сомнителни латекс-ракавици, непроверени лекови, средства за дезинфекција од сомнително потекло, се само мал дел од продуктите од кои измамниците заработувајќи триеја раце.

Ваквиот тренд не ја одмина ниту Македонија. И кај нас изминативе два месеца се забележани разни случаи во кои се препродаваат медицински средства, но се појави и злоупотреба на хотели и институции во обидот за нелегална заработка.
Неодамна, десетици производители на заштитни маски беа измамени од извесен нарачател на истите тие. Како што тврдат производителите, добиле порачка за илјада маски од извесно лице што се претставувало со име Благоја. Тој барал маските да му се носат во реномиран хотел на периферијата на Скопје. Производителите во надеж дека ќе успеат да заработат некој денар шиеле маски, но кога пристигнале во хотелот со нарачките, не успеале да го најдат извесниот Благоја.

Од хотелот ги известиле дека такво нешто не побарале, дека тие немаат никаква потреба од заштитни маски.
– Во загуба сум. Што да правам сега со илјада маски? Дури и на Вибер кога се обидов да исконтактирам со човекот, имаше слика од хотелот и јас си помислив дека нарачката е релевантна. Сега испадна дека некој се шегувал со мене, иако не ми е јасна намерата – вели производител на заштитни маски.
Надлежните од хотелот го пријавиле случајот и сега на потег е полицијата.
Ова не е прв ваков обид да се измамат производителите, па и обичните граѓани што се занимаваат со шиење и имаат капацитет да сошијат поголем број заштитни маски.

Неодамна, на социјалната мрежа Фејсбук неколкумина граѓани јавно обелоденија измамничка шема. Групата порачува маски, а производителот треба да ги достави на извесна локација. Кога производителот ќе пристигне на локацијата, го пречекува сосема трето лице од договореното, кое го замолува производителот да му даде две-три илјади денари, со образложение дека истите тие ќе му бидат вратени од нарачателот на друга локација. Многумина граѓани наседнаа на оваа измама и не само што не го најдоа нарачателот на заштитните маски туку и загубија парични средства.
Неодамна во медиумите беше објавено дека се украдени латекс-ракавици од една од скопските клиники и оти истите тие се препродаваат во локални маркети низ Скопје.
Во услови на вонредна состојба и на здравствена криза, многумина се обидоа нелегално да заработат.

Па, така, цените на средствата за дезинфекција, на маските и на ракавиците нагло скокнаа, па Владата уште во февруари ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови да направат увид и контрола на резервите на средствата за заштита од пренесување на коронавирусот во аптеките и доколку се утврди неосновано покачување на цените да се преземат мерки.
Контрола може да се спроведе кај легалните продавачи, меѓутоа нелегалните заработуваат на црниот пазар продавајќи маски и други медицински средства по енормно високи цени.

Според докторот на воено-политички науки Благоја Марковски, во услови кога е прогласена вонредна состојба, а кога се прават вакви активности, Владата може да донесе уредби со законска сила, за забрана на продажба на медицински средства надвор од аптеките и медицинските установи.
– Ова е очекувана работа. Во вакви ситуации се наоѓаат личности што сакаат да заработат на матно, не водејќи сметка за квалитетот и безбедноста на производите. Владата не може друго да направи, освен да ги контролира цените преку Инспекторатот, но тоа повторно се однесува на легалните продажни места. За сѐ што не е легално, може да се одговара поради продажба на медицински средства на несоодветни места и во несоодветни услови, а доколку истите тие се крадат и препродаваат, може да се одговара и за кражба – истакна тој.

Неодамна и „Интерпол“ спроведе истрага за нелегална заработка и измама со заштитни маски. Во операцијата наречена „Пангеа XIII“ заплениле фалсификувани заштитни маски, супстандардни средства за дезинфекција и неавторизирани лекови. Операцијата резултира со 121 уапсен низ светот. Во истрагата, „Интерпол“ пронашол две илјади онлајн линкови за рекламирање производи поврзани со ковид-19. Повеќе од 34 илјади фалсификувани заштитни маски воопшто не ги исполнувале стандардите, а се продавале и корона-спрејови, лекови за коронавирус, што покажува дека овој тренд на заработка зема сѐ поголем замав.
– Ова уште еднаш покажува дека криминалците ќе се обидуваат да заработат на сѐ и сешто. Ваков криминал, за време на светска здравствена криза ја покажува нивната целосна негрижа за јавното здравје – истакна Јурген Сток, генералниот секретар на „Интерпол“.

Словенија исто така неодамна се соочи со криминал со заштитни маски, за што информира министерот за одбрана Матеј Тонин. Во Словенија требало да пристигнат три милиони заштитни маски, меѓутоа, истите тие никогаш не пристигнале на словенечка почва. Тој информира дека постојано биле во контакт со возачот на камионот, кој наводно требало да ги достави маските во Љубљана. Меѓутоа, по некое време, изгубиле секаков контакт со човекот. Тонин објаснува дека станува збор за класична измама и дека маските биле нарачани од извесно претпријатие од Босна и Херцеговина.

Случајот сега е во рацете на словенечката полиција. Среќа во несреќа е тоа што маските не биле платени однапред, а за потребите на словенечкото здравство се пристигнати доволен број маски, кои ќе им бидат доволни и на граѓаните и на здравствените работници.