Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цвета трговијата со дрога во Скопје, Охрид и во Тетово. Според истражувањето објавено во документите на Националната стратегија за дроги, најмногу се користеле марихуана, хероин и синтетички дроги. Продажбата расте за време на викенди и продолжени празнични денови

Каков е трендот со злоупотреба на наркотици во државава?

Дрогата станува сѐ подостапна до корисниците во земјава, а расте и бројот на лицата што се фатени користејќи опијати на јавни места. Ако во 2017 година бројката на фатени уживатели на дрога изнесувала 219, во 2018-та таа бројка била 314, додека минатата година истата таа пораснала за 178 лица, односно бројката на фатени уживатели на дрога на јавни места од страна на полицијата изнесува 492 лица.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека од почетокот на оваа година до јули се откриени 350 кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога. За тие случаи кривично се пријавени 386 сторители.
Најкритични се градовите Скопје, Охрид и Тетово, односно во овие сектори за внатрешни работи се забележани најголем број кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога. Во овие градови, всушност, МВР запленило најголеми количества дрога.
– Во рамките на овие кривични дела се запленети еден тон и 283 килограми марихуана, седум килограми и 200 грама хероин, килограм и 231 грам кокаин, 90 стебла и 850 килограми семки од растението канабис сатива, 730 грама хашиш, 1.813,8 милилитри масло хашиш, таблети матемфетамин, амфетамин и екстази – информираат од МВР.

Во битката за справување со трговијата со дрога Македонија има национална стратегија за дроги, која е во координација со стратегијата за борба против дрогите на Европската Унија. Стратегијата е заснована врз основа на меѓународното право, релевантните конвенции на Обединетите нации и на Универзалната декларација за човекови права.
Според едно истражување објавено во документот на Националната стратегија, направено во 2012 година, возрасна група што најмногу користела дрога е од 20 до 34 години. Мажите се почести корисници од жените. Дури 84 проценти од корисниците на дрога во земјава биле мажи, наспроти 16 проценти жени.
Според истражувањето, зависниците најчесто дрогата ја набавувале од дилери. Покрај вообичаената дневна трговија, за време на викендите и за продолжените празнични денови има позначително прекршување на јавниот ред и мир под дејство на дрога. Притоа најмногу се користи марихуана, потоа хероин и синтетички дроги.
Во Европската Унија околу 25 милиони жители се зависници од канабис, 1,3 милион од хероин, а од година на година расте бројот на предозирани, кој, според евиденцијата на здравствените власти во земјите-членки на ЕУ, во 2018 година изнесувал околу осум и пол илјади лица.

Според процените на Европол, годишниот промет од опојни дроги во земјите од Европската Унија изнесува повеќе од 40 милијарди евра. На европскиот пазар најкористена и најбарана дрога е канабисот, со 39 проценти и со проценета вредност од 11,6 до 12,8 милијарди евра годишно. На наркодилерите кокаинот им носи заработувачка од 9,5 до 10,5 милијарди евра. Кокаинот се наоѓа на второто место, со застапеност од 31 процент од пазарот. Хероинот има 25 проценти од европскиот пазар, со заработка од околу 9,1 милијарди евра, а синтетичките дроги, како амфетамините, метамфетамините и другите супстанции, чие производство и промет во изминатите години се во драматичен пораст, заземаат пет проценти од европскиот пазар, со заработка од 1,6 до 1,9 милијарда евра на годишно ниво.

Процената е дека во наредните неколку години прометот од синтетички дроги во Европа би можел да порасне на девет милијарди евра годишно и да намами околу четири милиони нови корисници.
Одамна е познато дека поради поволната географска положба балканските земји се едни од најпопуларните за шверц на наркотици. Овие земји се мост помеѓу Истокот и Западот, кој наркомафијата го користи за да ги пренесе дрогите од Блискиот Исток кон Централна Европа. Тоа беше потврдено пред скоро време и во извештајот на Европол и на Европскиот центар за следење дрога и зависности од дрога.