Дојавите за бомби се хибридни напади, а според анализите, можни се три нивоа на причини за нивните појави. Денешните дојави во неколку училишта во Скопје, Тетово, Прилеп, Струга и Битола имаат специфики, кои ќе бидат анализирани од Одделот за кибер криминал – информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на годишниот брифинг со новинарите.
– Во однос на дојавите за бомби кои беа во Делчево, веќе е во завршна фаза и се очекува за ден-два да се обезбедат доказите и да биде поднесена кривична пријава. На добар пат сме да решиме уште една дојава во Скопје која беше минатите денови и во моментов е во фаза на обработка – појасни министерот.
Тој додаде дека при анализите се покажало дека од можните три нивоа за причините за хибридните напади на прво место се геостратешите интереси кои, како што рече се испреплетуваат во државава. Втората причина, според Спасовски, е од политички интереси и третата од авантуристички, како што беше примерот со двајца малолетници еден во Скопје и еден во Кавадарци.