Фото: Принтскрин

Секогаш потенцирам дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален, кажа за дописничката на МИА од Атина ликовниот уметник Сергеј Андреевски по повод неговата прва самостојна изложба во солунската општина Каламариа.

Но, екстремистите од „Златна зора“ очигледно не ги разбираат пораките на Андреевски, па со маски, капчиња и качулки, за да ги скријат нивните лица, група членови на организацијата која со судска одлука е прогласена за криминална, упаднаа во галеријата на солунската општина Каламариа, каде што е во тек е изложба на македонскиот ликовен уметник.

Тие тврдат дека „Златна зора“ ја запечати скопската изложба во Каламариа“ во објавеното видео на т.н. „Фронт на подмладокот – Златна зора“. Згора, коментираат дека не прифаќаат никаков компромис за „грчкиот карактер на Македонија“, дека станува збор за „очигледен потсмев и навреда на националното чувство на Македонците“, а тие морале да „интервенираат“ и пред сѐ, да испратат порака до грчките властите дека „ваквите провокации не остануваат без одговор“.

На влезот од галеријата залепиле плакати кои, како што велат, се однесуваат на жителите и на „неприфатливата толеранција на градоначалникот“.

– Се забранува секаква реклама или отстапување на јавен простор со пари од грчките граѓани за организации или личности како што е Сергеј Андреевски, кои ја поткопуваат грчката историја, го оспоруваат грчкиот карактер на нашата земја, ги отстапуваат нашите национални симболи и одобруваат криминал врз Грците – пишува на плакатот.

За инцидентот во Солун, кога за време на изложбата на ликовниот уметник Сергеј Андреевски, во галеријата упаднале група маскирани луѓе, кои со непристојно и вулгарно вербално однесување се обиделе да предизвикаат прекинување на изложбата, по што си заминале, известени се и Генералниот конзулат на Македонија во Солун и Амбасадата во Атина, соопшти МНР.

Министерството додава дека во текот на денешниот ден, во МНР е повикана и грчката амбасадорка Софија Филипиду, при што, додаваат оттаму, и формално ќе бидат упатени очекувањата од нашиот сосед да бидат преземени сите мерки за откривање и процесирање на сторителите.

Изложбата „Неизложени дела на хартија“ во петокот беше свечено отворена во Солун, во присуство на голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги неговите впечатоци вели дека е задоволен и од отворањето и од реакциите на посетителите.

– Интересот на публиката е голем, а особено се радувам на пораките што беа испратени на самото отворање од страна на генералниот конзул на нашата земја во Солун, Дејан Ѓучиќ, од претставникот на советничката група на општината Каламариа, Паскалис Лемонис и од Харис Савидес, меѓународно етаблиран архитект и фотограф од Атина којшто говореше за моето творештво и мојата мисија да ги обединувам луѓето преку културата. Имено и јас секогаш потенцирам дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален. А јас, и кога создавам, тоа го правам спонтано, искрено, без калкулации. Особено сум задоволен од искрените комплименти на посетителите коишто преку моите дела „пропатуваа“ низ светот и моите инспирации – истакна Андреевски за МИА.

Тој објаснува дека ова е негово прво самостојно претставување во Грција по поканата добиена од советникот за култура на градоначалникот, Макис Батијанис, а во име на општината Каламариа, но посочува дека сепак, неговото творештво не ѝ е непознато на грчката ликовна критика.

– Во 2002 година учествував на групна изложба со наслов: „Европска современа уметност – уметноста на балканските земји“, која беше организирана од Државниот музеј на современа уметност, Солун, во соработка со соодветни институции од други балкански земји. Во јуни 2004 година, по повод и непосредно пред официјалното отворање на Олимписките игри во Атина, јас бев избран од Такис Мавротас, врвен критичар од грчката културна сцена, како единствен претставник од земјава во мултикултурниот проект „Нашите соседи“ – вели Андреевски.

Делата на македонскиот ликовен уметник во Солун ќе бидат изложени до 29 април Реализацијата на проектот е овозможена од Министерство за култура на Македонија.