Фото: Претседател

Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија ги додели признанијата Орден за заслуги за Македонија, Медал за заслуги за Македонија и Повелба на Македонија.
Со Орден за заслуги претседателот Пендаровски ги одликува Гоце Тодоровски, Бајруш Мјаку и Коле Ангеловски. Гоце Тодоровски се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Со својот уникатен актерски талент се вмрежи во нашите срцa оставајќи неизбришливи траги во нашата историја, култура и традиција. Бајруш Мјаку се одликува за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Toj се втемели како една од централните театарски фигури во Македонија. Коле Ангеловски се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Неговиот актерски, а пред сè режисерски опус остава длабока трага во меморијата на широката публика, неговото творештво е широко вреднувано и со непроценливо значење за целокупниот развој и популаризација на театарската и филмската уметност.

Медал за заслуги им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров. Лупчо Каров се одликува за авторскиот придонес и за учеството во неповторливото хумористично шоу К-15, преку коешто пренесуваше уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество и, воопшто, за сиот ангажман во радиото и телевизијата, за придонесот кон македонската музика, но и за неговиот граѓански активизам и за вклучувањето во зачувувањето на животната средина, со што остави неизбришливи траги во медиумскиот простор и македонската естрада, но и во севкупното општествено живеење. Бранко Огњановски и Васко Тодоров се одликуваат за неповторливото хумористично шоу К-15, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество. Како едни од најкарактеристичните телевизиски ликови тие оставија белег и поттик за развој на овој вид творештво и за идните генерации.

Признанието Повелба на Македонија беше доделено на Албанскиот театар за седумдецениското постоење при што се етаблираше во една од водечките уметнички институции којашто остварува особено значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество, како и за непроценливиот придонес во развојот на современиот театар во Македонија.