Фото:Ка.М

Наскоро во прилепската општа болница ќе биде отворен Центар за дијабет, со што
пациентите кои имаат дијабет не ќе мораат да патуваат во Скопје за стручна лекарска
помош. Ова беше посочено денеска во болницата „Борка Талески, при потпишувањето на меморандум за соработка меѓу болницата, Здружението на дијабетичари Сина револуција и медицинското училиште „Горче Петров“, а по повод 14 ноември Светскиот ден на дијабетот.

Директорот на болницата Кире Јоноски, рече дека во Центарот ќе бидат ангажирани
лекари-специјалисти, ендокринолози од Скопје, со цел да ги вршат контролите.
-За да функционира Центарот сакаме да ангажираме лекари-ендокринолози од Клиниката за ендокринологија, специјализирани за дијабет, како ендокринолози од Клиниката за педијатрија за пациентите да не патуваат во Скопје, туку контролата на состојбата да ја добиваат во Прилеп – рече Јоноски.

Во Прилеп околу 10 000 граѓани се регистрирани како дијабетичари, од кои 3000 се
на инсулинска терапија, а од нив 100 се деца. Менде Цветкоски, претседател на
Здружението на дијабетичари „Сина револуција“ нагласува дека потребна е понова
апаратура за реално мерење на нивото на шеќерот и подостапни термини за пациентите.

-Се соочуваме со огромни предизвици, а тука се и предрасудите. Некои работи се
подобрија. Има инсулин, сензори, иако за ограничена возраст, што мора да се промени, без ограничување на возраста. Проблем е што користиме застарена технологија на која не можеме да ѝ веруваме. Тука спаѓаат глукометрите и лентите за мерење шеќер. Освен тоа, мора да се дозволи поголема пристапност до „Мој термин“, зашто пациентите имаат потешкотии да закажат преглед кај своите лекари-специјалисти – посочи Цветкоски.

Една од најбитните работи е да има сензори за сите возрасти, смета Ангела
Мирческа, вработена во амбулантата за издавање инсулинска терапија и мајка на дете со дијабет од Тип 1.

– Секој ден е предизвик. Мора да се внимава на исхраната, на нивото на шеќерот.
Добро е што сега има бесплатни сензори за ние родителите мирно да спиеме. Но, сметам дека не треба да се ограничува возраста, зашто дијабетот од ТИП 1 е автоимуна болест со која цел живот ќе се соочуваме и таа не бира возраст. Битно е да има сензори за сите возрасти – вели Мирческа.

По повод Светксиот ден на дијабетот во холот на болницата бесплатно на граѓаните и на пациентите им се мереше нивото на шеќерот и крвниот притисок, а во кругот на
прилепската болница и во кругот на средното медизцинско училиште „Ѓорче Петров“ беа засадени садници.

Ка.М.