Повик за организирање на ноќна стража што ќе го чува гробот на Гоце Делчев кружи на социјалните мрежи, во рамки на иницијативата за самоорганизирање на граѓаните со цел да се спречи доаѓањето на организирани бугарски групи на почивалиштето на македонскиот револуционер, на денот на неговото раѓање – 4 февруари.
Во повикот на социјалните мрежи се апелира до граѓаните на 4 февруари да ја блокираат патарината Куманово – Скопје за да се запрат Бугарите кои сакаат да дојдат во Скопје за да поклонат пред гробот на Делчев.
– Повик до сите родољуби. Дојдете со камиони, трактори, автомобили и друга машинерија и поддржете го протестот. Кумановчани – ве повикуваме во 9 часот да ја блокирате патарината кон Скопје. Да не дозволуваме бугарските неонацисти да плукаат по споменот на великанот Гоце Делчев – пишува во повикот на македонските граѓани.
Иницијативата се појави откако бугарскатa фондација „Македонија” на својата официјална фејсбук-страница синоќа објави водич за сите Бугари што ќе сакаат да дојдат во Скопје по повод 4 февруари.
Нема никаква потреба од какво било организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по повикот на социјалните мрежи упатен до граѓаните на 4 февруари да ја блокираат патарината Куманово – Скопје, пренесе МИА.
Министерот рече дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност. Спасовски е уверен дека нема да биде многу голем бројот на оние кои се организираат и сакаат да дојдат, бидејќи, како што посочи, граѓаните не се расположени за конфликти.
– Апсолутно нема да дозволам како МВР понижување на македонскиот народ и држава, најмалку да нѐ понижи некој кој доаѓа од надвор. Ние сме народ кој е гостопримлив, кој знае да укаже чест и почит, но таа чест и почит мора да ни биде возвратена. Нема да дозволиме дома некој да ни дојде за да нѐ понижува. Во тој дел институциите работат и прибираат информации – нагласи Спасовски.
Зголемените тензии по нападот врз Христијан Пендиков во Охрид, што доведоа до дипломатски мерки, но и провокации и закани од Софија, укажуваат на ново влошување на односите помеѓу Македонија и Бугарија. Властите во Софија завчера го повлекоа бугарскиот амбасадор од земјава и најавија можно запирање на меѓувладините проекти, откако во Комисијата за надворешни работи беа сослушани техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, пак, преку социјалните мрежи, индиректно упати закани до Стево Пендаровски, откако претседателот побара забрана за негов влез во Македонија.