Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Собранието во тек е средбата на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус. На средбата присуствува и претседателот на Собранието Талат Џафери.

На средбата присуствуваат лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ДОМ Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на Алтернатива Африм Гаши, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, на ДПА Мендух Тачи, на Алијанса на Албанците Арбен таравари, на ВМРО-НП Љупчо Балковски, на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, на НСДП Горан Мисовски, на ГРОМ Стевче Јакимовски, на Социјалистичката партија Љупчо Димовски, на ЛДП Моника Зајкова, на Партијата на пензионерите Илија Николовски… На средбата не присуствуваат лидерите на Левица Димитар Апасиев и на Беса Биљал Касами.

– Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус – соопшти Владата во најавата за свикување на средбата на 2 ноември.

Премиерот Ковачевски во саботата изјави дека лидерската средба ја свикал со цел сите политички партии кои се застапени во Парламентот заедно да разговараат за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да бидат доносени во еден широк, општествен и политички консензус.

– Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и економските аспекти на нашата соработка со ЕУ – рече Ковачевски.

Пред почетокот на средбата изјави дадоа лидерите на ДОМ Маја Морачанин, на ДПА Мендух Тачи, на ДС Павле Трајанов и на Алтернатива Африм Гаши. Беса, пак, извести дека нивен претставник нема да присуствува на средбата. Ставот на претставниците на овие партии е дека треба да се прават реформи за земјата да влезе во ЕУ, вклучувајќи и уставни измени.

Павле Трајанов од ДС рече дека ќе побара и Македонците во Бугарија да биудат признаени и да имаат право на здружување.

-Во името на Демократскито сојуз ќе побарам прва точка на средбата да биде да упатиме силна заедничка порака до Бугарија да ги признаат Македонците како национална припадност и да ги остваруваат сите свои права, да се здружуваат, да формираат клубови, вклучително да можат да формираат и политички партии. Тоа значи асоцијации преку кои ќе можат да ги негуваат своите национални обележја, културни, историски, јазични и други обележја што ја карактеризираат една нација – изјави пред лидерската средба.

Тој, како што кажа, ќе бара политички консензус од сите политички партии затоа што досега никој од државно – политичкиот врв не го покренува ова прашање, како што вели Трајанов, „ниту претседателот на државата, ниту претседателот на Владата, уште помалку министерот за надворешни работи“.

-Никој не бара Македонците да ги добијат своите основни права како што ги имаат Бугарите и другите етнички заедници во Бугарија – рече Трајанов, додавајќи дека нема ништо против тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но само на реципрочна основа односно „само да бидат признаени Македонците како национално малцинство и да бидат признаени нивните права на самоорганизирање“.

Претседателот на ДС рече дека на средбата ќе побара предвремени избори или пред избори да биде формирана влада на широка коалиција, потоа да има една изборна единица, но и сите креативни кадри да бидат вклучени во процесот на скриниг за да создадеме основни предуслови и претпоставки за формално почнување на преговорите со ЕУ. Исто така ќе го отвори прашањето и околу функционирањето на системот во државата „бидејќи има огромно разочарување кај граѓаните дека не функционираат институциите ниту на централно ниту на локално ниво“.

Претседателската на ДОМ Маја Морачанин пред лидерската средба во Собранието изјави дека очекува конструктивна дискусија и одговорност од сите партии што ќе бидат претставени на средбата. Сите, како што кажа, треба да бидеме фокусирани само на прашањето што се однесува на преамбулата на Уставот и спроведувањето на реформите за влез во ЕУ.

-Не очекувам дека денеска ќе се постигне договор имајќи ги предвид нели најавите, изјавите од опозицијата дека се уште се против, бараат дополнителни гаранции за промена на Уставот, но е добро да разговараме заеднички, бидејќи тоа е најдобриот начин за стратешки прашања кои се стратешка важност и за државата и за граѓаните – рече Морачанин.

За тоа дали власта е подготвена да даде гаранции, таа вели дека не би можела да коментира бидејќи незнае кои се гаранциите што опозицијата ги бара. За предвремени избори за поддршка на уставните измени, Морачанин вели дека тие условувања никому не носат добро, бидејќи темата за денешната средба европските интеграции на Македонија и да се обезбеди консензус по тоа прашање, и оти темата не се предвремени избори.

-Наназад со месеци, јас би рекла со години бидејќи ова барање на опозицијата за предвремени избори практично датира уште веднаш по Парламентарните избори 2020, но дефинтиивно тоа е и став на ДОМ и ние во повеќе наврати сме го истакнале, дека она што треба да ни биде фокус, тоа е пребродување на оваа енергетска – економска криза, на оваа најтешка зима која ни претстои пред нас- рече Морачанин.

Заложба на ДОМ, вели таа, е овие реформи коишто се неопходни за државата поефикасно, поинтензивно да се спроведуваат бидејќи на крајот и целта на евроинтеграцијата не е евроинтеграција сама по себе, туку тоа е процес којшто треба да овозможи една демократизација на општеството и прогрес на општеството.

-Јас ќе го покренам како тема, тоа треба исто така да биде прашање на општ консензус меѓу политичките партии и навистина сите се заложиме и да бидеме ефикасни, конструктивни во спроведувањето на неопходните реформи, бидејќи тие се интересот на граѓаните – рече Морачанин.

Во однос на барањата на албанските партии, нејзин став е дека сите треба да бидеме фокусирани само на прашањето што се однесува на внесување на овие народи во преамбулата во Уставот.

Претседателот на ДПА Мендух Тачи пред лидерската средба во Собранието изјави дека со добар дијалог треба да се постигне договор за уставните измени и дека нема друг пат да се деблокира интеграцискиот процес. Тачи рече дека тргањето на 20 проценти од Уставот е нивен предлог, но оти исто така сега не е време за уцени.

-Јас секогаш викам дека сум полош од сите, не ме ставајте во такви формулации. Јас не знам кои се тие останати политички партии на Албанците. Ако мислите дека тоа е БЕСА, за мене тие се се уште дел од коалицијата со СДСМ. Да, тоа е нашиот предлог. Многу е лошо кога книгата вие ја пишувате ќе ја предава некој друг на универзитет. Тоа е крадење платформа, крадење на една идеја. Мислам дека е време да се разговара веќе јавно за идентитетот на Албанците да станат дел од правните норми на нашата држава – рече Тачи, додавајќи дека сепак сега не е време за услови и за уцени.

Разговарал со претседателот на ДУИ Али Ахемти за оваа тема и ќе продолжи да разговара, но тие немаат никаков услов.

-И тоа треба многу јасно да се кажува. После ќе раговараме исто како што разговаравме со господинот Ахмети и со нашиот коалиционен партнер и со македонската опозиција. Имаме јаки аргументи, но не е моментот да се воспоставуват услови или рокови. Ова е многу поголем процес од оваа другото – рече лидерот на ДПА Тачи.

Претседателот на Алтерватива, Африм Гаши пред почетокот на лидерската средба во Собранието истакна дека доаѓа да ја искаже целосната поддршка на неговата партија кон евроинтеграцискиот процес.

-Само битно да знаете дека Алтернатива стои сто проценти во овој процес евроинтеграциски. Направи се да даде поддршка да што побргу ги отвориме поглавјата – рече Гаши.

Тој потенцира дека Алтернатива не е партија која условува, туку напротив, како што рече, сакаат да воведат принцип.

– Не, во никој случај. Ни сега, ни никогаш. Алтернатива не е пратија која условува. Напротив сакаме да воведеме принцип и тој начин на условување веќе да заврши како начин на политичко комуницирање помеѓу нас. Ние треба да разговараме врз база на аргументи и тоа што е општо добро за граѓаните, а не со условување – рече тој.

Претседателот на Движењето БЕСА Биљал Касами на прес-конференција во седиштето на партијата во Скопје денеска информира дека нема да учествува на лидерската средба свикана од премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски во Собранието, бидејќи како што рече „таа е формалност за да се спаси ДУИ и ја игра улогата на спасител на ДУИ“.

– Таа средба е формалност за да се спаси ДУИ од обврската да седне на маса со претставниците на албанските партии, на која претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализација за преземените обврски со договорот, во кој, како услов беше вклучување на албанскиот јазик во Уставот на земјата – рече Касами.

Касами рече дека тие немаат дилеми во интегративните ориентации, но нема да дозволат албанскиот народ да биде третиран со понижување во Уставот на државата.

-Ние сме државотворен народ и како такви ќе мора да бидеме третирани и почитувани од законите во државата – рече Касами.

Во однос на иницираната средба од Движењето БЕСА до сите албански политички партии, Касами рече дека ниту една од партиите не одговорила позитивно.