Фото: Амбасада на САД

Одлуката кои личности ќе бидат ставени на листата на лица кои со своето коруптивно и криминално однесување ја загрозиле стабилноста на западен Балкан не е ниту политичка, ниту лична, туку има врска само со криминалните активности на конкретната личност, порача американската амбасадорка Ангела Агелер.

Иако не ги откри имиња кои ќе се најдат следни на проширената „црна“ листа, откако на неа веќе се бизнисменот Јордан Камчев, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и софтверската компанија „Сајтрокс“, таа изјави дека процесот е темелен и дека за секоја личност која ќе се најде на таа листа ќе значи сериозни финансиски импликации.

-Најважното нешто е што сите овие одлуки било од Стејт департментот, Министерството за економија или друга институција, се сто проценти неполитички и нема ништо лично. Ова е според правото на САД. Ние се водиме од правото, а ако институциите најдат докази за било каква злоупотреба мора да реагираат и за индивидуите да превземат соодветни мерки – посочи Агелер.

Американските власти сметаат дека Камчев интензивно се занимава со корупција повеќе од една деценија, како и дека го искористил своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Македонија во негова корист.

Агелер тврди дека САД ќе ги употребат сите алатки со кои ќе се овозможи сите оние кои се вклучени во коруптивни активности да одговараат, без разлика на нивните позиции и моќ. Таа истакна дека ќе биде интересно да се видат наредните чекори, кои ќе ги преземат домашните институции.

-Не е до мене како американски амбасадор во Скопје да ѝ кажувам на која било институција што следно да направи. Бевме во можност да најдеме доволно докази против овие личности и тие докази се собрани овде, во земјава. Значи, ова не се темели на информации собрани од Вашингтон, информациите се достапни, работевме со институциите во оваа земја за овие случаи да продолжат да се работат. Но дали, кога и какви ќе се следните мерки, зависи од надлежните органи тука – рече Агелер.

Какви конкретни импликации ќе имаат санкциите за Камчев за останатите македонски фирми со кој тој соработувал, амбасадорката не кажа, но истакна дека мерката значи многу сериозни финансиски импликации за индивидуите.

-Овој закон ги опфаќа и оние кои работат со нив и имаат поврзаност со нивните активности, со средствата кои им се блокирани. Голем дел од трансакциите на интернационалните банки, одат преку САД, преку големите банки во САД. Импликациите се многу сериозни. Какво влијание ќе има тука – не знам – изјави амбасадорката.

Деновиве и други лица, но и компании беа ставени на црната листа на САД. Една од нив е и македонската компанија за шпионски софтвери „Сајтрокс“, а прв на листата се најде градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

Коментирајќи го тоа што Рамиз Мерко остана градоначалник на Струга дури и откако беше ставен на „црната листа“, Агелер рече: „Ние не можеме да дојдеме во Северна Македонија и да уапсиме некого или да покренеме кривична постапка, но ќе биде интересно да видиме кои правни постапки ќе се покренат“.

За името на Мерко, кој во три мандати управува со општина Струга се врзуваат многу афери и обвинувања за корупција. Но, ниту една не добила судска завршница. Јавното обвинителство неодамна соопшти дека направило увид на 30 активни предмети за Мерко, уверувајќи дека „во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон“.

Американската амбасадорка заклучи дека за Македонија да ги надмине предизвиците што се пред неа на патот кон ЕУ, корупцијата не смее да помине неказнето. Таа се надева оти граѓаните на ќе побараат интегритет од тие кои ги раководат институциите.