Човековите права во бизнис-секторот се само на хартија, потребна е едукација и за вработените и за компаниите, покажуваат резултатите од истражувањата што ги спроведе здружението „Конект“, а се однесуваат на бизнисот и човековите права. Истражувањата покажуваат дека мал број компании применуваат суштински приод кон заштитата на човековите права, односно само 28,8 отсто од вклучените компании прават процена на ризиците поврзани со човековите права, а 13,6 отсто потоа преземаат некаков обмислен пристап во оваа насока. Ова истражување е поддржано од Европската Унија со цел да се унапредат човековите права во оваа сфера.
Неодамна се одржа и националната Конференција за бизнис и човекови права, на која учествуваа осумдесетина претставници од стопанските комори, компании и граѓански организации. На конференцијата стана збор за имплементацијата на водечките принципи за бизнис и човекови права на Обединитетите нации, во јавните политики на државата и во внатрешните политики на компаниите. Програмскиот координатор во „Конект“, Виктор Мирчевски, вели дека има многу дрстични примери каде што се кршат човековите права, како што е случајот со текстилната индустрија кај нас, но, за жал, и во светот има примери на голема неодговорност од страна на високореномирани и успешни компании.
– Кршење на човековите права е и кога работникот добива ниска месечна плата со која не може да си ги задоволи основните права на живот, едукација на своите деца, здравствена заштита итн. Најдрастичен пример за ова се примерите на злоупотреба на работничките во текстилната индустрија, но има и посуптилни примери на загрозени човекови права, кои се повеќеслојни. Се обидовме да ја истражиме вистинската слика на оваа тема кај нас и радува фактот што компаниите се расположени да добијат едукација и тренинзи на оваа тема. Одговорноста за почитување на човековите права може да се каже дека е поделена меѓу државата и компаниите, но сепак државата има механизам како да ги мотивира компаниите да бидат општествено одговорни – смета Мирчевски.