По завршувањето на дводневните разговори помеѓу членовите на македонско-бугарската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, Ангел Димитров еден од членовите излезе во јавноста со свое видување за работата на споменатата комисија.

Според Димитров, комисијата била формирана во функција на Договорот за пријателство и добрососедство, а желбата дека овој договор да се спроведе значи дека комисијата мора да работи. Во своето интервју за БГНЕС, Ангел Димитров исто така изјави дека бугарската страна им предложила на македонските членови на следната средба да бидат разгледани ликот и делото на Браќата Миладиновци и Григор Прличев, но македонските историчари го одбиле овој предлог.

Меѓутоа искажувањето на Ангел Димитров е во противречност со неговата изјава од декември 2018 година кога во таа пригода кажа дека била постигната согласност да се предолжи во двете држави да биде почитуван и одбележан Григор Прличев како човек со заслуги за културниот и општественио развој.

Тогаш двете страни се договорија да им препорачаат на соодветните влади редовно одбележување на Св. Кирил и Методиј како сесловенски просветители, додека пак за другите личности, како што се Св. Климент, Св. Наум, Самуил и Григор Прличев, е препорачано одбележување јубилејни годишнини. Конкретно, на декемвриската средба во 2018 година двете страни се согласиле дека ќе ги чествуваат Кирил и Методиј како „сесловенски просветители“, а Григор Прличев како личност што има заслуги за македонската и бугарската култура.

Според информациите на „Нова Македонија“, македонските историчари уште пред две години им предложија на бугарските колеги чествувањето на Прличев да биде тристрано, односно кон оваа иницијатива да биде поканета и Република Грција, со што македонската страна повторно покажала разумен европски пристап. Две земји-членки на ЕУ (Грција и Бугарија), а третата кандидат за ЕУ (Македонија). Но оваа инцијатива на македонските членови била одбиена од бугарската страна.

Изјавата  на Ангел Димитров за БГНЕС само потврдува дека бугарските членови продолжуваат да отстапуваат од договореното. Останува нејасно зошто бугарската страна повторно го покренува прашањето за Прличев кога двете страни веќе постигнаа договор. Според нашите информации, најверојатно одредницата „македонска култура“, која е влезена во препораките, е причината зошто бугарската влада неофицијално се откажува од заедничкото одбележување на Прличев.

Проблемите во работата на комисијата дополнително се усложнија кога беше донесена позицијата во бугарското собрание врамена во резолуција од нивното највисоко законодавно тело, а потоа следуваше објаснувачкиот меморандум, кој во Македонија беше оценет како уцена.