Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државната администрација и административните услуги за граѓаните како повод

Паролата „нема погрешен шалтер“ во практиката многу често не важи, бидејќи има примери кога граѓаните се препраќаат и шетаат од една до друга канцеларија или од еден до друг шалтер

Паролата „нема погрешен шалтер“, за жал, не се идентификува со она што на граѓаните им се случува во практиката, бидејќи има примери кога тие се препраќаат од една канцеларија до друга или се повикуваат по неколкупати за работа што може да им биде завршена многу брзо или само во еден ден. Препраќањето од канцеларија до канцеларија или од шалтер на шалтер не е некоја новина, туку во некои институции како да е востановена практика од која тешко може да се побегне, коментираат граѓаните. Но дали е доволно само да се жалат или да притиснат на некое црвено копче за поплаки, а и натаму сѐ да биде исто или можеби работите треба од корен да се менуваат.

Практиката на препраќање често се повторува, особено кај повеќе лица од категоријата „невработени“ граѓани, кои редовно се пријавуваат во канцеларијата на Агенцијата за вработување, што за време на пандемијата беше отворена во скопската населба Скопје Север. Тие се пожалија дека тамошниот вработен честопати под изговор дека „паднал системот“ и не може да го користи компјутерот, ги препраќал во канцеларијата во Општина Бутел за да го ажурираат својот статус на активни или пасивни баратели на работа, како и за некои други обврски.

Вработените, пак, од канцеларијата во Бутел само потврдија дека навистина често се случува тоа и странките од канцеларијата во Скопје Север се препраќани кај нив, додавајќи дека со тоа наместо да се намалат метежите за што и во време на пандемија се отворија тие канцеларии по населбите, кај нив повторно се создаваат.

Млада двојка од скопската населба Радишани што сакала да закаже венчавка во матичната служба во Бутел, неколкупати морала да доаѓа за да добие датум, најпрвин со образложение дека младенците рано дошле на почетокот на месецот за да закажат дури за на крајот, па од страна на вработениот имало сугестија зошто да не се венчаат во матичната служба во Центар или, пак, уште подобро тоа да го направат во ресторан, за што ќе треба да си платат.

Како ќе се подобрува работењето на администрацијата и има ли поплаки од граѓани, прашавме и во Министерството за информатичко општество и администрација, а оттаму одговорија дека нивна цел е да воспостават една ефикасна администрација и дека се посветени и работат во тој правец.
– Ние како институција имаме изградено систем за оценување на нашите вработени во центрите „Една точка за услуги“, каде што граѓанинот на крајот од приемот на услугата, само со скенирање на кјуар-кодот влегува во системот за евалуација на вработениот и дава неговата процена. Самиот министер има пристап до овој систем и може да ги види оценувањата.

Како министерство планираме проект во иднина што ќе ги вклучува сите органи на државната управа, за изградба на децентрализиран систем на евалуирање на вработените. Велиме децентрализиран, бидејќи по добиените оцени, ние како министерство не можеме да носиме одлуки (казни или унапредувања) за друга институција. Ние ќе бидеме во постојан контакт со сите институции и нашиот систем за оценување ќе им го сугерираме и ќе им го понудиме на овие институции – велат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Во врска со случувањата со препраќањето на странките од канцеларијата во Скопје Север до канцеларијата во Бутел, од Агенцијата за вработување образложија дека странките се препраќаат само кога има технички проблеми.
-На 19.7.2021 година вработениот во подрачната канцеларија во Чаир информирал за технички проблеми при работата во системот. По направената проверка, увидено е дека се работи за проблеми со интернетот, за кој бил веднаш информиран надлежниот провајдер, со цел проблемот да биде навремено саниран. Надлежните служби на АВРСМ во последниот период детектирале зачестен проблем со работата на системот во дисперзираната канцеларија во Чаир, кој се должи на технички проблеми што настанале поради прекин на кабелот за интернет поради градежни работи и проблеми со трафостаниците во близина..