Еврејската заедница во Македонија синоќа го одбележа Европскиот ден на еврејската култура, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Оваа манифестација се одржува паралелно во 32 европски земји, а еврејската заедница во Македонија ја одбележа по 13-ти пат. Секоја година темата е различна, а ја поставува Европската асоцијација за зачувување и унапредување на еврејската култура и наследство. Годинашната тема на Европскиот ден е „Раскажи ми приказна“.
Повторно под режисерската палка на Снежана Коневски-Руси, сценскиот приказ „Раскажи ми приказна“ е спој на глума, слика и музика, а на сцената раскажува еврејски приказни од Македонија и од Балканот. Настап имаше и хорот на Еврејската заедница во Република Македонија „Моис Хасон“, а улогите ги толкуваа Надежда Рубен и Борче Начев.