Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еврејската заедница во Македонија синоќа го одбележа Европскиот ден на еврејската култура, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Оваа манифестација се одржува паралелно во 32 европски земји, а еврејската заедница во Македонија ја одбележа по 13-ти пат. Секоја година темата е различна, а ја поставува Европската асоцијација за зачувување и унапредување на еврејската култура и наследство. Годинашната тема на Европскиот ден е „Раскажи ми приказна“.

Повторно под режисерската палка на Снежана Коневски-Руси, сценскиот приказ „Раскажи ми приказна“ е спој на глума, слика и музика, а на сцената раскажува еврејски приказни од Македонија и од Балканот. Настап имаше и хорот на Еврејската заедница во Република Македонија „Моис Хасон“, а улогите ги толкуваа Надежда Рубен и Борче Начев.