Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со света литургија, кршење на бадниковата погача, изборот на новиот кум христијанските верници го чествуваа празникот Бадник во соборниот храм „Св. Климент Охридски“.

На прославата се придружија децата од повеќе скопски училишта кои ја предводеа бадникова поворка. Децата носеа ѕвезди во рацете како симбол на ангелите кои ја испратиле веста за христовото раѓање.

– Дел сме од оваа божиќна поворка заедно со најмалите и сакаме да порачаме да останеме вака сплоетни и весели цела година. Да го дочекаме Божиќ во мир и слога и пред се со добро здравје – изјави една од наставничките која ги придружуваше децата.

Верниците кои беа дел од чествувањето на Бадник, запалија свеќи, се помолија за здравје и благосостојба во нивните семејства, но и порачаа празникот да ги просветли граѓаните за поголемо сочувство, заедништво и човечност. Не изостана и пораката до политичарите.

– Да имаме мир и благосостојба. Тоа е најважно. Секое семејство да биде сплотено и да биде во благостојба и хармонија. Во 2020-та политичарите да бидат поразумни, да помислат на овој народ, да го извлечат од сиромаштија, односно да водат сметка за буџетските пари и да не ги расфрлаат без причина – порачаа граѓаните.

На празнувањето беше избран и новиот кум на Бадник. Здружението на старите скопски бадникари, годинава бадниковиот ќуп му го додели на Антони Пешев со тоа му го предаде кумството за наредната година.
– Енергијата што денеска ја почувствуваав нека потрае целата година. Среќен сум што традицијата и обичаите се враќаат меѓу луѓето. Имаме убава година пред нас, со еден ден повеќе и посакувам сите денови да бидат вака весели, да имаме успех и бериќет за нас и за градот – рече кумот Антони Пешев.

На крајот на прославата поворката го испрати кумот со музика, а тој се качи во пајтон со кој прошета низ скопските улици.