Повик и лажни вести на социјалните мрежи за наводно отворање на балканската маршрута до Европа ги мобилизираа мигрантите од Грција да се упатат кон Солун, што предизвика загриженост на Балканот, како и во Европската Унија, за можен нов мигрантски бран. Околу 500 лица, меѓу кои семејства со мали деца, завчера стигнале во близината на Солун, каде што поставиле импровизиран камп со над 100 шатори пред прифатниот центар Диавата, на околу 70 километри од границата со Македонија.
Десетици мигранти, пак, вчера ја блокираа пругата на железничката станица „Ларисис“ во Атина, во знак на протест, барајќи да бидат транспортирани до грчката граница, каде што би им се придружиле на другите бегалци. Забележани се и неколку инциденти при судирите на мигрантите со грчката полиција, меѓу кои одредена група се обидела да го пробие полицискиот блок и да стигне до македонската граница. Директорот на регионалниот центар МАРРИ, Сашко Коцев, истакна дека ситуацијата е под контрола, додека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека обезбедувањето на грчко-македонската граница е засилено.
На границата со Македонија вчера имало помеѓу 1.200 и 1.500 мигранти.
– Станува збор за група од околу 1.200 до 1.500 мигранти. Засега грчките колеги ја контролираат таа бројка, но, секако, имаме обврска да бидеме подготвени да ја штитиме границата и евентуалната можност за влез во Македонија – изјави Спасовски.
С.Н.М.