Фото: Зоран Антоски

Со препораките на Владата што од денес почнаа да се практикуваат, во Кичево целосно се затворени коцкарниците, обложувалниците, кафеаните и другите објекти за масовно собирање, со цел да се спречи ширењето на опасниот коронавирус, кој зема сѐ поголем замав како на стариот континент така и во земјава.

За пофалба се сопственици на овие објекти, кои во целост ги спроведуваат препораките на Владата и по цена на смален доход, и тоа придонесе во текот на денешниот ден, Кичево да почне да наликува на напуштен град, бидејќи фреквенцијата на луѓе на улиците е многу мала, сообраќајот редок и единствено поголем број граѓани можеше да се забележат во маркетите, каде се снабдуваат со неопходните намирници. Во аптеките граѓаните беа во потрага по неопходните лекарства, како и да обезбедат маски, ракавици и средства за дезинфекција.

Но, иако со овие препораки намерата на Владата беше да има што помала концентрација на граѓани во одреден затворен простор, сепак во маркетите во периоди од денот имаше многу повеќе потрошувачи, со што се поставува прашањето дали и овие граѓани не претставуваат опасност некој да биде заразен од коронавирус, со тоа да претставува и закана за останатите присутни.

– Колку и да сакаме  што помалку време да бидеме во близина на поголема група граѓани во затворен простор, сепак при купувањето во маркетите се соочуваме со многу поинаква слика, каде голем број потрошувачи еден до друг стојат и чекаат на ред  и се можни преносители на секаква болест, па и на на опасниот коронавирус. Никој не се труди да држи безбедно растојание како што тоа го препорачува Владата, туку сите гледаат што побргу да завршат работа – велат група постари граѓани, кои ги сретнавме со полни ќесиња производи.

Што се однесува на маркетите, таму состојбата е слична како во целата земја. Се купува прекумерно и оние артикли кои и не се најнеопходни. Вработените во маркетите се трудат рафтовите да бидат постојано полни, но повремено потрошувачката е поголема и од самиот дотур на стока.

– Лебот, брашното, тестенининте, зејтинот, млекото, супите се главни на удар на купувачите, се пазари во поголеми количества, засега успеваме да ја надополниме стоката, но како ќе се одвиваат работите наредните денови не можеме да предвидиме – вели Мирјана, вработена во еден маркет во средиштето на градот.

Аптеките, и покрај редовните набавки, во најголем број немаат маски и самите вработени не се сигурни дали и кога ќе ги имаат во доволни количства. Инаку сѐ поголем број граѓани носат маски , слика досега ретко видена на нашиве простори.