Од утре сите граѓани при пазарење во маркети, одење во банки или на отворени простори како на зелените пазари, ќе мора да носат заштитна опрема, информираше техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Според него, мерките кои Владата ги воведе за справување со коронавирусот дале резултати. Тој вели дека бројките покажале дека стратегијата е добра, а тоа се гледа и од тоа што има мал број на заболени граѓани од повозрасните категории. Намалувањето на рестриктивните мерки, според Спасовски, е зголемување на одговорноста на граѓаните.

– Донесовме повеќе уредби и одлуки за зајакнување на лесните мерки, но и олабавување на рестриктивните мерки. На овој начин, ограничувањата ќе се намалат, внимателноста ќе се зголеми. Досегашните мерки креирани од стручните лица беа создавани од пикот кој ни претстоеше, но и почитувањето на мерките. Со исправена глава можеме да кажеме дека мерките дадоа ефект. Бројките ни кажаа дека стратегијата е добра, а имаме и линеарен број на зголемување. Имаме мал број на заболени возрасни лица, за кои можеме да кажеме дека е поради воспоставените мерки – рече Спасовски.

Тој побара и натаму да се почитуваат донесените мерки за социјална дистанца и носење на заштитна опрема, која е задолжителна во затворени простории, но и во одредени случаи на отворени простории.

– Меките мерки предвидуваат зајакната индивидуална одговорнoст. Тоа е мерката за држење растојание од 2 метри. Значаен процент од заболените со коронавирус е асимптоматски, тоа значи дека лицето кое стои пред вас може да е заболено, а да не знае, а само два метри можат да ве заштитат. Следна мерка е носењето на заштитна опрема, свилена марама, респираторна опрема, шал, медицинска маска. Тоа ќе овозможи прекин на ширењето на вирусот, бидејќи повеќето заболуваат преку кашлање. Оваа мерка ќе важи на територијата на целата држава. Заштитната опрема мора да се носи во маркети, продавници, банки, а на отворените простори мора да се носи на зелените пазари и други места каде не можете да одржите дистанца од два метри – посочи Спасовски.