На денешниот состанок Комисијата за заразни болести ја разгледала епидемиолошката состојба во земјата и заклучила дека изминатата недела се забележува благ пораст на бројот на нови случаи (8,5%), што е значително понизок пораст споредено со претходната недела (55,7%) и е во согласност со намалувањето на репродукцискиот број (Р0).
-Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор – информираат од комисијата.
Во овие услови, Комисијата не препорачува воведување на нови рестриктивни мерки и апелира до граѓаните на совесно однесување и почитување на мерките кои се на сила, т.е. задолжително носење на заштитни маски во здравствените установи, аптеките, во јавниот превоз и во згрижувачките установи. Од особена важност е граѓаните кои имаат симптоми или се сомневаат дека се ковид-позитивни да се однесуваат одговорно и да ги заштитат луѓето околу себе, така што ќе избегнуваат близок контакт со други луѓе и престој во затворени простории без маски.
-Останува силната препорака, апел за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на метежи и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против ковид-19 – информираат од Комисијата.