Во рамки на новиот план за враќање во нормала

Сингапур претстави нов план за враќање на секојдневниот живот во нормала, додека државите во регионот Азија-Пацифик ги заоструваат рестрикциите за да спречат потенцијални жаришта на делта-видот, објави „Си-ен-ен“.

Планот претставен од надлежните здравствени власти во Сингапург предвидува укинување на карантините и на масовното следење на контактите, како и враќање на слободното патување и одржувањето на големи собири. Дури би престанало и дневното броење на новите случаи на коронавирус.

Ваквиот предлог претставува радикална промена во однос на моделот за „нула трансмисија“ усвоен од неколку држави, што досега се покажа како успешен за избегнувањето на големи жаришта на ковид-19. Се проценува дека вакциот модел кој вклучува строги карантински мерки, ќе биде речиси невозможен за долгорочно одржување со ширењето на новите видови на ковид-19. Сингапур сега тврди дека е можен „соживотот“ со коронавирусот.

– Лошата вест е дека ковид-19 можеби нема да исчезне. Добра вест претставува дека е можно да се живее нормално во ваквата состојба. Можеме да ја претвориме пандемијата во нешто помалку заканувачко, како што се грипот или сипаниците, и да продолжиме со нашите животи – истакнаа сингапурските министри за трговија Ган Ким Јонг и за финансии Лоренс Вонг, во заедничко интервју за „Стрејтс Тајмс“ минатата недела.

Се смета дека станува збор за храбар план што би можел да стане модел што ќе го усвојат и другите држави кои бараат начин да се вратат во нормала по 18-те месеци исполнети со рестрикции во пандемијата.

Високата стапка на вакцинација се смета за клучна за успехот на планот на Сингапур, кој е на пат да имунизира две третини од населението со првата доза вакцина на почетокот на јули, односно и со втората доза до 9 август.

Сингапур се надева и дека со текот на време ќе станат достапни повеќе терапии за справување со ковид-19, а ги советуваат и жителите на „одговорна социјализација“ и на одржувањето на хигиена.