Различни видови на коронавирус, кои предизвикуваат најголема загриженост, се откриени практично на целата територија на Америка, пишуваат американските медиуми.

Но, како што рече експертот на СЗО, Жаиро Мендез, иако овие соеви се позаразни, нема докази и дека се посмртоносни.

Вакцините што се користат обезбедуваат поголема заштита од новите видови на коронавирус, рече Мендез.

– Она што сè уште не го знаеме е дали целосно вакцинираните луѓе сепак можат да го пренесат вирусот на други лица. Имаме многу да научиме – рече Мендез.

Најновата, индиска варијанта Б.1.617 е откриена во осум американски држави, вклучително и во Канада и САД, додаде тој.

– Овие нови соеви на коронавирус имаат можност побрзо да се шират, но досега не најдовме никакви колатерални последици. Единствената грижа е што тие се шират побрзо – рече Мендез.


Целосно вакцинираните лица не мораат да носат маски и да одржуваат растојание

Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) советува дека целосно вакцинираните лица не треба да носат маски на отворено и во повеќето затворени простори.

Центарот, исто така, рече дека целосно вакцинираните луѓе нема да мора да одржуваат физичко растојание на повеќето места. Од таму изразуваат надеж дека новите упатства, ќе бидат охрабрување за да се вакцинираат повеќето Американци.

Директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски, вели дека попуштањето на мерките произлегува од актуелната ситуација и наглото опаѓање на новозаразени случаи со коронавирус, вакцинацијата на помладите лица и ефикасноста на вакцините против новите видови на коронавирус.

Центарот се соочи и со критики, дури и од службеници на јавното здравје. Критичарите велат дека луѓето мора да чувствуваат поголема корист од вакцинацијата, во смисла на враќање во нормалните активности.

Центарот сепак препорачува вакцинираните лица да носат маски во авиони и возови, на аеродроми, места за масовен транзит и области како што се болници и медицински канцеларии.

Маските станаа политичко прашање во САД со тоа што претходниот претседател Доналд Трамп се спротивставуваше на задолжителното носење маски, додека претседателот Џо Бајден прифати маски и ги направи задолжителни.