Вивек Мурти

Белата куќа тврди дека 12 лица се одговорни за скоро 65 проценти од дезинформациите против вакцините на социјалните мрежи.

– „Фејсбук“ не прави доволно за да го запре ширењето лажни тврдења за ковид-19 и вакцините – изјави портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

„Фејсбук“, кој е сопственик на „Инстаграм“ и „Воцап“, треба да стори повеќе за да ги отстрани неточните информации за вакцините од својата платформа, рече Псаки, пренесуваат агенциите.

Ова се податоци од извештајот на Центарот за борба против дигиталната омраза, но „Фејсбук“ ја проблематизира методологијата на истражување.

Таа додаде дека мрежата „треба побрзо да ги брише штетните насилни објави“.

Шефот на јавното здравство на САД, Вивек Мурти тврди дека е забележан пораст на дезинформациите за ковид-19 и за вакцините, што ја отежнува борбата против пандемијата.

– Животите на Американците се во прашање – рече тој во изјавата.

„Фејсбук“ не одговори веднаш со коментар на изјавите на Белата куќа. Платформата воведе правила против лажните тврдења за ковид-19 и вакцините, но експертите и политичарите долго време се жалат дека контролата на содржините е слаба.