Во вчера објавениот текст напишав дека францускиот предлог повеќе е поле за натамошни кавги меѓу Македонија и Бугарија одошто некаков европски документ за помирување меѓу двете држави и двата народа. Како ден е јасно дека Владата и Собранието ќе го одобрат таканаречениот француски предлог за наводниот датум за почеток на преговори со Европската Унија. Само речиси никому не му јасно дали тој ден ќе биде бел или ќе биде запишан со црни букви во идната историја на македонскиот народ.
Од тој ден македонското прашање повторно се интернационализира. А познато е дека при секоја интернационализација Македонија излегува оштетена, како што беше случајот со името, на пример. Тоа, барем, го има утврдено историјата. Во таа меѓународна игра идната судбина на македонскиот народ во сопствената држава се предава формално на европските институции, а практично во рацете на бугарските власти, кои и да се тие. Бугарија добива тапија историски, политички и правно да ја уредува Македонија по нејзина желба и волја. Ако некој Македонец овој ден го чекаше 17 години ќе го чека уште 17 за да види како еден мал народ, на фин, елегантен и лицемерен начин се уништил самиот себе.
Наместо затворени, остануваат отворени куп прашања. А ќе се отвораат нови и нови во недоглед. Членовите на Владата, пратениците, најверојатно не се свесни во кој тунел ја ставаат, на кои опасни шини ќе се влече статусот на Македонија. Затоа ги кријат или бегаат од одговори за она што ќе се случува во практиката, надвор од умешно спакуваните дипломатски реченици и заклучоци.
Иако се тврди дека истоијата не е тема на разговори, меѓу отворените дилеми секако спаѓаат историските разлики околу историското и културно наследство и личностите во нив од средниот век наваму. Можеби не е спорно ниту пресудно прашањето чиј бил Самоил и како него ќе го третираат учебниците. Но, ако македонските историчари, под силниот политички притисок, се согласат дека светите браќа Кирил и Методиј биле Бугари тогаш пропаѓаат сите историски теории и сведоштва за словенството и за кирилицата. Сепак, клучот ќе бидат мантиите и делата на свети Климент и Наум, особено на првиот. Ако светителот Климент бил Бугарин, тоа би подразбирало дека нема македонски јазик и нема Македонска православна црква. Таквата согласност би го поништило значењето на Охридската книжевна школа. Таквата согласност би ја делигитимирало Македонската православна црква која се потпира на делото на својот основополжник, а тоа е Свети Климент Охридски.
Во тие рамки се и делата на преродбениците за кои е пишувано надолго и нашироко. Јасни се бугарските позиции дека сите биле Бугари. Илузија е да се мисли дека бугарската наука и политика би ги промениле таквите ставови. На тоа поле ќе се леат крв и солзи, ако се држи до македонската вистина.
Ништо појасно не е и прашањето околу одбележувањето на заедничките настани и празници. Кои ќе бидат тие? Дали Македонија ќе учествува во славењето на денот на донесување на Сан Стефанскиот договор кој во Бугарија е државен празник? Како ќе го славиме Илинденското востание од 1903 година? Како бугарско, македонско или преображенско? Бугарија го одбележува на 20 Јули, Македонија на 2 Август. Но, не се во прашање само датумите. Македонците за свет ден го имаат и слават и 2 Август 1944 година, денот на АСНОМ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија). Ќе доаѓаат ли бугарски претставници да му оддават почит на тој настан и на тој ден или ќе бараат од македонските власти тој ден да се забранува или да се фрла на ѓубриштето на историјата. Како ќе реагираат внатре, во државата, македонските Бугари кои ќе имаат полно право да плукаат врз тој свет ден? Конечно, дали и Црквата ќе го смени календарот за да удоволи на барањата Илинден да се премести од македонски Август во бугарски Јули?
Понатаму: што ќе станува со 11 Октомври денот на македонското антифашистичко востание. Историјата знае дека тоа македонско востание е против бугарскиот фашистички окупатор, иако по доаѓањето на Заев на власт, тој национален елемент официјално се изоставуваше. Ќе биде ли избришано од календарот на светли датуми на македонскиот народ? Што ќе стане со 8 Септември денот на Референдумот и прогласувањето на независноста на новата држава Македонија? Тој ден, тој празник и така е разурнуван од ден во ден, праање е кога ќе исчезнат и тие темели.
Голема врева се крева околу јазикот и со убедувањата дека тој е „чист“ признат и прифатен од Европа без додавки, објаснувања, ѕвездички, точки, запирки и астерикси. Таа заблуда што ја шират македонските политичари допрва ќе се расчистува. Прашањето е како Македонија ќе се противставува на бугарскиот непроменет став дека македонскиот јазик не постои. Како ќе го брани кога веќе ја прифатила и потпишала билатералната бугарска декларација дека тој навистина не постои. Еднаш потпишан, засекогаш потпишан. Бугарите тоа ќе го користат до максимум.
Како во лекциите на македонските учебници ќе биде претставуван, еве да речеме, Крсте Петков Мисирков. Какво место и каков третман ќе има во услови кога наставните програми на Министерството за образование на Македонија ќе мора да бидат давани на ревизија на бугарското министерство или на некоја формирана комисија за таа намена. И не само Мисирков во прашање. Цела плејада е ставена на тој список.
Како ќе биде одбележува 5 Мај Денот на македонскиот јазик, кога бугарските власти, разни политичари и научници од Бугарската академија на науките и денес, без француската спогодба, остро реагираат на неговото постоење. Кои се средствата што македонските власти ќе ги употребуваат да се докажува дека тој не продукт на Коминтерната, на Србите и на комунистите. Може ли да се случи во Република Северна Македонија свој ден на јазикот и на азбуката да имаат Албанците и Турците (како што имаат) а Македонците да немаат, да не смеат да го одбележуваат затоа што тоа би пречело на добрите меѓусебни односи. Би ги навредувало Бугарите.
Дали спомнувањето, одбележувањето и славењето на Блаже Конески ќе може утре некој да го подведува како антибугарски чин и како говор на омраза кон Бугарите, кон бугарскиот јазик? Како што тргнало – ќе може. Ќе биде ли забранет терминот „македонизам“, термин што бугарските научници и политици не можеда го поднесат ни при неговото споменување?
Македонските архитекти на рамката за преговори немаат одговори на овие практични прашања. Ниту пак се навестува кој ќе се осмели и кој ќе преземе одговорност за сите евентуални национални порази.
П.С. Сигурно дека некои од читателите ќе ми забележат дека текстовите што ги пишувам овие денови изобилуваат со емоции. Морам да признам дека не сум опериран од нив, како што од нив се оперирани мнозина политичари, партиски кло(В)нови, анационални типови и антимакедонци. Во науката, не само во ветерината, е познато дека дури и животните имаат емоции, реагираат кога се чувствуваат загрозени, измамени, напуштени, осамени, осакатени. Гледаме дека во македонската политичка номенклатура се намножија луѓе без емоции. Тие гласаат за францускиот предлог кој во својата основа е крајно антимакедонски.