Петтото традиционално искачување на Клепа беше масовно одбележано со учество на над 20 македонски клуба и повеќе од 600 учесници, кои се вклучија во планинарската акција во чест на трагично загинатите планинари Калина и Александар, во 2018 година. Пораката на планинарите што учествуваа во годинашната акција беше силна и безвременска. Вечно да го чуваме споменот за Калина и Александар и да ја одржуваме востановената традиција на искачување на Клепа. Се разбудија исток, запад, север и југ. Благодарност до сите клубови во Македонија што го препознаа моментот и се обединија, доаѓајќи од сите четири страни на Македонија, порачаа тие

Спомените се безвремени богатства, а сеќавањето за нив се начин да се задржат делата и ликовите што никогаш не сакате да ги изгубите. Тие нѐ топлат одвнатре, нo и нѐ распарчуваат во исто време… Сеќавањата за трагично загинатите планинари Калина и Александар секој ги чува во посебно катче во срцето, а нивните позитивни спомени, вибрации и енергии не згаснуваат, туку продолжуваат да тлеат. Во тој спомен, викендов по петти пат се одржа традиционално искачување на врвот Клепа (1.150 м н.в.), акција во која масовно се вклучија планинари од цела Македонија. Планинарската тура обедини над дваесет планинарски друштва, кои оддадоа почест и споделија спомени.
Искачувањето е во чест на трагично починатите планинари Калина Велевска и Александар Миновски, кои на 10 февруари 2018 година ги загубија животите на грчката страна на Кајмакчалан, а само една седмица претходно биле дел од турата на Клепа. Тоа е највисокиот врв на средно високата планина во средишниот дел на Македонија, јужно од Велес.
Искачувањето на врвот Клепа е една од најмасовните планинарски акции во Македонија во организација на СПЕД „Клепа Росоман“, заедно со ЕГ „Грин пауер“, КПС „Азот“ и општините Росоман и Градско, кои за учесниците обезбедија ручек во конаците на манастирот „Св. Архангел“, во близината на селото Горно Чичево.
– Вечно да го чуваме споменот за Калина и Александар и да ја одржуваме тешко востановената традиција на искачување на Клепа. Нови топли ветришта дуваат на планинарското небо. Се разбудија исток, запад, север и југ. Благодарност до сите клубови во Македонија што го препознаа моментот и се обединија, доаѓајќи од сите четири страни на Македонија. Она што се „Белите ноќи“ за Скопје, „Рацинови средби“ за Велес, „Макфест“ за Штип, „Струшките вечери на поезијата“ за Струга, „Манаки“ за Битола, „Охридско културно лето“ за Охрид, карневалот за Вевчани и за Струмица, „Шара“ за Гостивар и за Тетово… тоа е Клепа за Росоман и Градско – вели Игор Смилев, претседател на екоздружението „Грин пауер“.

Во знак на почит и сеќавање на Калина Велевска и Александар Миновски

Шумата на Калина и Александар

Ова беше најмасовниот настан и редок пример во кој две општини ги поддржуваат и поттикнуваат планинарењето и рекреативното движење.
– Благодарение на упорноста и заложбата на неколкумина планинари, искачувањето на Клепа станa традиционален настан, во чија организација се вклучени СПЕД „Клепа“ од Росоман и поголем дел од населението во овие краеви, АРМ, ЈП „Македонски шуми“, градоначалниците на општините Градско и Росоман и голем дел од планинарските клубови и невладини организации. Ова е планинско најнеразвиеното подрачје во Македонија што заслужува поддршка. Во нивна чест на посебна парцела на делот од патеката е формирана и Шумата на Калина и Александар. На 10-то искачување се надевам ќе седиме во дискретните сенки на аризонските чемпреси, а небо ќе ни бидат душите на Калина и Александар – вели Смилев.

Почетната точка на турата е од селото Сирково (270 м н.в.), Општина Росоман. Патеката започнува со одење по срт со благо искачување сѐ до вештачкото Подлешко Езеро (660 м н.в.) од каде што продолжува одењето по срт до врвот Клепа. Завршна точка е манастирот „Св. Архангел“. Должина на патеката е 18 километри.
– Јас сум еден од иницијаторите на турата, првпат заедно со планинарското друштво „Трансверзалец“ ја организиравме во 2018 година како дел од акцијата „12 врва“. Се одлучивме за Клепа затоа што Калина има учествувано на акција на Клепа и во „Дневниот на една планинарка“ има напишано дека засадила дрво по патот накај врвот, дека го обележала со три камења. Па јас го најдов дрвото и оттука одлучивме да направиме спомен-шума. Веќе пет години ја подигаме шумата и ја негуваме. Се надеваме дека ќе успееме во нашата мисија, да ја создадеме Шумата на Калина и Александар – вели Веле Коцев од селото Сирково и претседател на СПЕД „Клепа“.

Тенденција е турата да стане помасовна

Годинава во турата имаше над 600 учесници од сите градови: Тетово, Демир Хисар, Охрид, Куманово, Скопје…
– Среќни сме што турата е сѐ помасовна. Сите сакаат да учествуваат во организирањето. Успеваме сите да ги обединиме. Некои жени прават алва и гурабии, имаме домашен леб од фурна, ручекот ни го подготви Армијата на Република Македонија. Спонзорства добивме од сите локални винарници, а имавме и спонзорство за рекламниот материјал. Владееше пријатна атмосфера. Ќе се потсетам на една мисла од Калина: „Колку малку треба за човек да е среќен“ – дополнува Коцев.
Тенденција им е турата да стане помасовна. Очекуваат дека кога пандемијата ќе стивне, ќе учествуваат и странски планинарски друштва и уште многу други љубители на планината.
– Целта ни е да манифестираме единство. Сам човек ништо не може да направи. Убаво е што наидуваме на поддршка од сите планинари, љубители на планината, планинарски друштва – дополнува Коцев.
Клепа е средно висока планина во средишниот дел на Македонија, на десниот брег на реката Вардар, јужно од градот Велес во средното Повардарие. Има меридијански правец на протегање, север – југ. Поради стратегиската местоположба, врвот Клепа долго време бил центар на воени бази и на фронтовската линија, така што на неговиот врв се наоѓаат остатоци од бункери, засолништа и археолошки наоѓалишта. Целта на акцијата е да се промовира врвот Клепа и да се манифестира заедничка соработка помеѓу планинарските клубови и друштва.