Грција и Македонија се надеваа дека долгогодишниот спор за името ќе остане зад нив кога го постигнаа Препанскиот договор, но бизнисите и натаму се препираат околу брендот „Македонија“, пренесува Дојче веле.

Во изјава за Дојче веле, продавачка од Солун вели дека Македонците „немаат право да го користат името Македонија на производите“, бидејќи за неа, сите производи кои се ословувани со терминот македонски, всушност се грчки. Виното е главна тема во расправата за брендирањето, бидејќи двете држави имаат голем извоз. Од друга страна, во репортажата на германскиот јавен сервис се наведува дека во Македонија реагираат со потсмев на грчките тврдења. 

– Македонското вино е од Македонија, а не од Грција. Северна Македонија не постои, тоа име ни беше наметнато – истакна продавачка од Скопје.

Грчките компании се обидуваат да го заштитат терминот „Македонија“ што се појавува во брендовите на 182 грчки бизниси (над четири илјади грчки компании го користат во описот на барем еден производ), сметајќи дека се соочуваат со неизвесност во работењето по ратификацијата на Преспанскиот договор, објави неодамна Франс 24. Грците се загрижени дека компаниите во Македонија би можеле да профитираат преку новонастаната ситуација.

Стопанската комора на северна Грција претходно понуди правна помош на бизнисите кои бараат дополнително појаснување на деталите на спогодбата. До неодамна, 24 грчки компании ги заштитиле производите со терминот Македонија во ЕУ, додека само две ги заштитиле производите на меѓународно ниво.

Во спогодбата се наведува дека двете страни „се согласуваат да ги поддржат нивните бизнис-заедници во применувањето на структуриран дијалог на добра волја, со цел да изнајдат заемно прифатливи решенија за прашањата што потекнуваат од комерцијалните називи и комерцијални брендови, како и од сите значајни прашања на билатерално и меѓународно ниво. 

Се проценува дека околу 400 грчки компании во Скопје ги застапуваат инвестициите чија вредност надминува 1,7 милијарди долари. Македонија има најсилна трговска врска со Грција од сите членки на ЕУ, која е најголем странски инвеститор во Македонија од крајот на 90-те години на минатиот век, според „Ал џезира“, која објавува дека Грција инвестирала повеќе од 500 милиони долари во Македонија во 2017 година.