Вообичаениот работен ден за авторот на лажни вести се чини како секојдневна работа во канцеларија. Секое утро, Тамара ќе го вклучеше лаптопот за да види нов мејл со линк до одреден документ, што содржи осум вести со одреден рок за објавување. Нејзината работа беше да ја измени секоја приказна пред истекот на рокот, објавува британски Би-би-си.

Тамара, всушност пишуваше фабрикувани, заблудувачки написи за две интернет-страници базирани во Македонија, чија содржина е насочена кон американските читатели. Нејзина задача беше да изврти полуплагијаторски копии од написи кои првобитно беа објавени од американски екстремно-десничарски публикации, за нејзиниот шеф да ги пласира на Американците кои немаат претстава што читаат.

Новинарот на Би-би-си разговараше со Тамара во Скопје кон крајот на 2018 година, каде што таа му ги открила деталите за нејзината работа при пишувањето на лажни вести. Тамара сака да остане анонимна, па за нејзиниот идентитет да биде заштитен, во текстот е искористено лажно име, исто како и имињата на нејзините соработници.

Тамара која се опишува како либерал, била згрозена од содржината на вестите чија содржина ја менувала. 

– Уште верувам дека тие ги имаат најлошите написи. Како што можете да видите, напишав исламски напади при пребарувањето вести и излегоа повеќе написи за муслимани кои напаѓале луѓе. Не верувам дека повеќето од овие вести се вистинити, тие се измислени – вели Тамара.

Повеќето од нејзините вести се дезинформации во врска со настани што се случиле, напишани на начин да ги испровоциираат страв и гнев кај читателите. Приказните даваа лажен, искривен поглед на светот, целејќи ги предрасудите на луѓето. 

– Тој настан се случи. Луѓето беа таму. Тоа место постои. Па, всушност немаше лажни приказни. Тоа беше пропаганда и перење на мозоците преку раскажување на приказна – објаснува Тамара.

Нејзина работа претставуваше обработка на оригиналните американски написи, на начин на кој тие не би можело да се открие дека станува збор за плагијати, но и правејќи ги погодни за објавување на социјалните мрежи, со цел интернет-страницата да добие посетеност. 

Сличен сајт од Велес, со милион допаѓања на Фејсбук, отприлика заработувал по две илјади долари дневно. Тамара, пак, има измешани чувства за нејзината работа.

– Цело време додека ги пишував овие приказни, си мислев, о боже, кој верува во ваквото ѓубре. Колку необразован и со ниска интелигенција треба да бидеш, само за да ги прочиташ овие вести – истакна Тамара, која вели дека ги кратела текстовите, прескокнувајќи ги оние делови за кои не сакала да пишува. 

Сајтот за кој работела Тамара е еден од над 140-те сајтови од Велес, што пишувале лажни вести за американската политика во пресрет на претседателските избори во САД во 2016 година, според проценките на американските медиуми. Постојат докази дека овие страници имале големо влијание врз изборите во САД, пред Фејсбук да забрани поголем дел од нив во декември 2017 година. Кога страницата на која работела Тамара била забранета, таа се откажала од нејзината дејност.

– Не ги сменив моите сфаќања, но го чувствував стравот што се обидувавме да го пренесеме на луѓето во САД. Додека ги пишував овие приказни, стравот се пренесе и на мене. Кога го увидов ова, се откажав – посочува Тамара.