Фото: Дарко Андоновски

Со наближувањето на стогодишнината од Првата светска војна, погледите повторно се вперени кон проблематичниот регион каде што конфликтот почна. Западниот Балкан е цел на оние кои се во полза за понатамошно проширување на НАТО и на ЕУ. Малата Црна Гора е последната членка на НАТО, а Македонија би можела да биде следна. Двете држави имаат амбиции да се приклучат на ЕУ, и покрај тоа што мислењата во Унијата се поделени околу тоа дали ваквиот чекор е препорачлив, и ако е така, кога би се случил, пишува Мари Деџевски од Охрид, за британски „Индепендент“, во текстот насловен „Македонската криза на идентитетот би можела да ја обликува иднината на ЕУ“.

Во овој дел од светот, геополитиката е постојано присутна. Македонскиот парламент дебатира за прашање што ќе ја одлучи иднината на државата. Дали ќе се приклучи кон Унијата, што би се сметало за наклонетост кон Западот? Дали ќе тежнее кон Истокот и Русија? Или, наместо тоа, би тргнала по осаменички и несигурен курс, опкружена од поголемите и понекогаш не баш пријателски расположени соседи? Со Србија и Косово на север, Бугарија на исток, Албанија на запад и со Грција на југ, без излез на море, оваа поранешна република на СФР Југославија е заложник на нејзината географска положба повеќе отколку која било друга држава во регионот – смета Деџевски.

Острастеноста на пратениците кои се обратија од говорницата во Собранието покажа оти никој нема илузии за влоговите. Но, вистинското прашање е дали Македонија треба да го промени името, за да и удоволи на Грција, се наведува во написот.

– Со Албанија и Црна Гора во НАТО и движејќи се (бавно) кон ЕУ, со Србија која безмалку го толерира независно Косово и со Грција и Бугарија веќе во „западните клубови“, на Македонија може да и биде простено зашто се чувствува изолирана, односно подготвена да направи отстапка за нејзиното име, за да не биде изоставена. А сепак, имињата се чувствителни. Земете ја Северна Ирска за пример. Јас не можам, а да не чувствувам разбирање кон оние Македонци што се прашуваат зошто нивната држава да го смени името – истакнува авторката, која додава дека за време на престојот во Охрид можела да ја разбере одбојноста кон малата промена што ја носи додавањето на зборот „северна“.

Но Грција ја има предноста, а Македонија има молба. Ако доволно го посакува членството во ЕУ, таа ќе треба да попушти. Попуштањето, сепак, не е извесно. Владата сакаше одлуката да биде донесена на референдум, но неуспешниот референдум го стави прашањето пред Парламентот. Предлогот за промена на името ги спротиставува сувереноста и идентитетот на една страна со кооперативноста на другата страна. Колку посилно е чувството за идентитетот, толку е потешко да се биде попустлив, а чувството за посебноста е навистина силно кај Македонците.

В предвид треба да се земат уште две работи. Постојат обвинувања оти Русија „лови во матните води“ за да го спречи проширувањето на ЕУ во југоисточна Европа, а сомнежот предизвикува интерес кај САД. Но, се поставува прашањето дали Русија воопшто треба да лови? Второто прашање е практично. Дури и луѓето што се националистички ориентирани сакаат подобра иднина. Дали личните надежи ќе ја надвладеат гордоста на колективната историја и идентитетот? Можеби на крајот. Но калкулациите можеби се „потенки“ отколку што тоа изгледа отстрана, заклучува Деџевски.