Премиерот Зоран Заев, заедно со лидерите на земјите членки на НАТО, учествуваше во централниот работен дел на годинешниот Самит на Алијансата. Во денешната изјава Заев посочи дека ова е прв НАТО самит за државата и оти е од историско значење.

– Самитот 2021 на НАТО на шефови на држави и влади е историски момент и за мене и за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит на НАТО со 30 членки. Затоа ова е голем успех за Северна Македонија и за НАТО. Членството во НАТО е реализација на нашата стратешка цел, а дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан. Северна Македонија, заедно со сите сојузници, се посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани – истакна во изјавата Заев.

Тој потенцира дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евро-атлантска перспектива.

– Ставањето на овој дел од Европа во вакуум не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и засилени процеси на интеграција на земјите од регионот во НАТО и ЕУ. Денес повторно ги потврдивме нашите единство, кохезија и солидарност. Трансатлантското партнерство е силно како никогаш порано – рече Заев.

Тој му се заблагодари на генералниот секретар Столтенберг за неговото како што рече, водство во креирањето на агендата на НАТО 2030 во соработка со сојузниците и за широките и инклузивни консултации со многу засегнати страни.

– Агендата на НАТО 20-30 навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување и го прави НАТО подготвен за 21 век. Ние се соочуваме со закани од Русија и предизвици од системски авторитарен натпревар до нашата Алијанса. Треба да сториме повеќе и ќе сториме повеќе за да ги поддржиме заедничките демократски вредности и да го заштитиме меѓународниот поредок заснован на прифатените правила. За таа цел ни претстои тесна соработка со истомислениците, главно со ЕУ, но и со други партнери – додаде македонскиот премиер.

Посочи дека сме посветени кон зголемување на политичките консултации и координација меѓу сојузниците.

– НАТО е неопходен за нашата колективна безбедност. Алијансата е суштински трансатлантски форум за консултации за сите прашања поврзани со безбедноста и за усвојување на заеднички одговори. Во иднина, ние сакаме да го видиме НАТО со поширока политичка димензија и функции. Ова ќе ни овозможи да ги унапредиме политиките во широк спектар на области и да се прилагодиме на новите предизвици, од кои ќе прозлезе зајакната политичката кохезија на НАТО – истакна Заев.