Еден од секторите каде стопанствениците гледаат потенцијал е извозот на свежи земјоделски производи Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само во првите неколку месеци од оваа година е регистрирано дека македонската економија бележи зголемување на вкупниот извоз на пазарот во Русија речиси за 40 проценти, од кои само кај земјоделските и прехранбените производи порастот изнесува 90 отсто

Русија ја продолжи забраната за увоз на храна од земјите-членки на Европската Унија, по продолжувањето на санкциите од страна на држави и влади на ЕУ кон неа. Забраната за увоз на храна од ЕУ во Русија првпат беше воведена во 2014 година, што на некој начин отвори можност за земји како Македонија да се промовираат и да ги пласираат своите производи на овој голем пазар. Иако, според упатените, извозот кон Русија од Македонија константно расте, потенцијалите и понатаму се огромни.

Само во првите неколку месеци од оваа година е регистрирано дека македонската економија бележи зголемување на вкупниот извоз на пазарот во Русија речиси за 40 проценти, од кои само кај земјоделските и прехранбените производи порастот изнесува 90 отсто за јануари, споредено со истиот месец минатата година.
Прашањето што сега се наметнува е колку од македонските компании ќе препознаат можност и шанса да ги пласираат своите производи на пазарот во Русија и на тој начин да дојдат до нови клиенти, а секако потоа и до ширење на бизнисите. Со оглед на големината на рускиот пазар, тој за македонските компании претставува голем предизвик.

– Ембаргото е воведено уште од август 2014 година. Во изминативе пет години секако дека македонските компании имаа можност за зголемено присуство на рускиот пазар. Тоа се одрази на страна на извозот најмногу кај земјоделските производи. Значи има континуирано зголемување, кое годинава за првите четири месеци изнесува 39,9 отсто. Во согласност со новите продолжени санкции, оваа можност ќе биде од корист. Од друга страна, главната работа е сепак ние да понудиме здрави и квалитетни и ценовно конкурентни производи – кажа Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора.
Забраната за увоз на храна од Европската Унија (ЕУ) во Русија продолжува до крајот на 2020 година, откако рускиот претседател Владимир Путин го потпиша указот. Русија воведе ембарго врз широк спектар увозни стоки од ЕУ и други земји во 2014 година како одговор на меѓународните санкции наметнати поради нејзината улога во украинската криза.

На руската влада ѝ е наложено да гарантира спроведување на мерките од тој указ и по потреба да поднесе предлог за изменување на рокот на важење на наведените контрасанкции. Мерката следува откога шефовите на држави и влади на ЕУ се согласија да ги продолжат за шест месеци санкциите против Русија поради недоволна имплементација на договорите од Минск.
Санкциите беа воведени во 2014 година поради конфликтот во Украина и нелегалната анексија на Крим. Договорите од Минск имаат за цел да понудат излез од војната во Украина, но засега ЕУ оценува дека Москва не ги почитува целосно. Санкциите против Русија во врска со украинскиот конфликт се состојат од мерки против неколку индустрии на руската економија, како одбраната, енергијата и финансиите. Потоа, воведени се и целни санкции против одредени лица и ентитети инволвирани во војната, како и бизнис-рестрикции за земјите-членки на ЕУ во Крим и Севастопол во однос на увозот и извозот.

Поради овие санкции, Русија не е повеќе дел од Г8-самитите, а суспендирани се и редовните средби на врвот ЕУ-Русија, додека Европската инвестициска банка и Европската банка за развој и реконструкција не смеат да одобруваат нови заеми за Москва.

Во текот на изминативе години Македонија и нашите домашни производи се обидуваат да се пробијат на пазарот во Русија и да изградат свое препознатливо име.
Со оглед на големината на рускиот пазар, стопанствениците укажуваат дека е голем предизвик да се работи на тамошниот пазар, но и дека истовремено е голема обврска.
Иако веќе има значителен пораст на извозот на македонски земјоделски и прехранбени производи, сепак упатените информираат дека може да очекуваме уште поголем пораст, бидејќи се потпишани нови договори за извоз на македонски вина и на свежо овошје и зеленчук на пазарот на Руската Федерација.

Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски неодамна посочи дека Руската Федерација е значаен трговски партнер на нашата земја и оти напорите на Владата се во насока на натамошно интензивирање на економската и секоја друга соработка.

– Интензивирањето на економската и секаква друга соработка ќе биде централна тема и на идниот состанок на Меѓувладината македонско-руска комисија за трговска, економска и научно-техничка соработка, кој оваа година во Скопје ќе се обнови по петгодишна пауза – рече Николовски.

Сепак, инволвираните посочуваат дека не треба да се остане на сегашното ниво на трговска размена и додаваат дека сѐ уште има значителен нереализиран потенцијал за соработка.

Стопанствениците, членови на Македонско-руската стопанска комора, посочуваат дека има голем простор за пораст на извозот, кој исто така е доста значаен за да се намали големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија. Еден од значајните сектори каде што стопанствениците гледаат потенцијал е извозот на свежи земјоделски производи, но и на нивни преработки и други типови прехранбени продукти.

[email protected]