Фото: Игор Бансколиев

Русија и Украина учествуваат со 29 проценти од светскиот извоз на пченица, со 19 проценти од светските резерви на пченка и со дури 80 отсто од светскиот извоз на сончогледово масло. Ваквата состојба создава загриженост кај трговците

КРИЗАТА ОКОЛУ УКРАИНА СЕ ПРОДЛАБОЧУВА И ВО ЕКОНОМИЈАТА

Продолжија ценовните варијации на светските берзи на најтргуваните и најбараните производи и во текот на вчeрашниот ден како резултат на воените дејства во Украина и конфликтот со Русија. Иако од една страна се забележа намалување на цените на природниот гас, но и на нафтата, од друга страна има раст на цените на пченицата, пченката и сончогледовото масло, а стравувањата се дека нарушувањата можат дополнително да влијаат на цените на храната, кои веќе се на највисоките нивоа.
Медиумите пренесуваат дека Русија и Украина учествуваат со 29 проценти од светскиот извоз на пченица, со 19 проценти од светските резерви на пченка, и со дури 80 отсто од светскиот извоз на сончогледово масло. Ваквата состојба создава загриженост кај трговците поради опасноста ситуацијата да влијае врз севкупните текови и да ги натера увозниците да бараат замена за производите.
Од друга страна, цената на природниот гас во Европа вчера се намали на 1.100 долари за 1.000 кубни метри, во согласност со податоците на Лондонската берза, каде што утрото започна со пад на цената на гасот за 28 проценти. Исто така руски „Гаспром“ соопшти дека транзитот и испораката на гас до Европа продолжуваат низ Украина.
Домашните владини претставници уверуваат дека состојбата се следи постојано и се преземаат мерки за справување со последиците.
Претседателот Стево Пендаровски вели дека една од темите за кои било разговарано на Советот за безбедност, заедно со прашањата поврзани со безбедносните аспекти, била и процената на стоковните резерви.

– Процените се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во стоковните резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентен увоз – кажа Пендаровски.
Случувањата во Украина беа повод и за средба и детален преглед на случувањата и од страна на првите луѓе на Народната банка и Министерството за финансии, од каде што потенцираат дека ова ќе биде дополнителен удар за економиите што се погодени од пандемијата.
– Светот се соочува со уште еден нов глобален предизвик по пандемијата. Почетокот на руско-украинската војна имаше ефект врз глобалните пазари и инвеститорите. Цените на примарните производи, храната и енергентите пораснаа, додека цените на акциите се намалија, што е очекувано однесување кај инвеститорите во вакви случаи. Ова ќе повлијае и на процесот на закрепнување на глобалните синџири, со оглед на улогата на Русија и Украина во нив, како едни од најголемите производители на енергенти и жито – беше наведено во соопштението издадено по средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Директната изложеност на нашата економија кон овие две економии е многу мала. Тие не присутни во финансискиот сектор, а странските директни инвестиции и дознаките што доаѓаат оттаму имаат учество под 1 отсто во вкупните вредности.

– Но со оглед на учеството на Русија и на Украина во понудата на глобалните пазари на суровини, очекувани се индиректни ефекти преку цените на примарните производи. Дополнително, доколку овие состојби се одразат на растот на европската економија, можно е влијание и врз инвестициите – домашни и странски, а со тоа и влијание врз економската активност – се потенцира во соопштението. Сепак, надлежните уверуваат дека „просторот за ублажување на потенцијалните ефекти преку политиките е адекватен, а стабилноста на финансискиот систем е исто така поддршка на отпорноста на економијата“. Дополнително, нагласуваат дека соодветното ниво на девизните резерви овозможува доволен простор за обезбедување доволна девизна ликвидност на домашната економија. Од МФ и од НБРСМ велат дека будно ги следат состојбите, навремено се разменуваат информациите и ќе се реагира соодветно на случувањата.
Загриженоста е голема бидејќи инфлацијата веќе ги покачи цените на храната, но сега со нападот врз Украина е можен дополнителен пораст на цените на производите, особено оние што се произведуваат во Украина и во Русија.
– Затворањето на пристаништата и железничките пруги во Украина, наречени житницата на Европа, веќе почна да го фрла националниот извоз на стоки во хаос. Не се само заканите за резервите на жито што може да доведат до инфлација. Русија е главен евтин извозник на речиси сите видови ѓубрива. Тешко е да се прецени колку е важно ѓубривото за синџирот на снабдување со храна – ако глобалната трговија е нарушена, тоа ќе значи повисоки трошоци за земјоделците во светот и, за возврат, поголема инфлација на храната. Цените веќе растат, од пченица до пченка до соја, сѐ оваа недела расте. Војната што ќе го запре извозот на жито во Украина, најверојатно, ќе ги зголеми цените на пченицата за уште 30 отсто, а на пченката за 20 отсто – пишува „Блумберг“.
Трговците велат дека некои купувачи веќе ги пренасочиле бродовите кон други доставувачи поради загриженоста дека избувнувањето на војната ќе доведе до одложување на товарењето.
Санкциите што ги најавија европските земји и САД не ги одвратија Русите од своите намери да ја напаѓаат Украина.
Иако САД најавуваат и казнен пристап, и нова рунда санкции за притисок врз руските банки, сепак, дел од светските експерти укажуваат дека мерките нема да бидат голем удар бидејќи криптовалутите се широкоприфатени во Русија.
Објаснувањата се дека санкциите од САД и од ЕУ се потпираат на банките за да ги спроведат. Ако санкционирана компанија или поединец сака да изврши трансакција деноминирана во традиционални валути како што се долари или евра, банката е должна да ги означи и блокира тие трансакции.

– Ако Русите решат, а јас сум сигурен дека веќе го прават тоа, да избегнат користење на која било валута, освен криптовалутите, тие можат ефективно да ги избегнат речиси сите санкции – вели Рос С. Делстон, експерт за спречување на перењето пари.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, објави дека се подготвува нов бран санкции, откако Киев побара Унијата посилно да ја присили Русија од инвазија.
– Дополнителен пакет санкции е под итна подготовка – објави Мишел на Твитер.