Што значи одлуката на ОПЕК+ да го намали производството на нафта за два милиони барели

Глобалните геоенергетски игри не се ништо помалку динамични, а ни помалку ризични од геополитичките. Затоа, во овие турбулентни околности може да се очекуваат различни и непредвидливи сценарија што би можеле негативно да влијаат на стабилизацијата на глобалниот енергетски пазар. Имено, според енергетските експерти, се очекуваат нови тектонски поместувања поврзани со светскиот пазар на нафтата и глобалната геополитика воопшто, и тоа со почетокот на наредниот месец…

Во тек се вистинските битки на најголемите геополитички играчи и земјите производители на нафта, во кои не се избираат средства. Влогот е огромен и од нив зависат не само целата економија и општествената состојба на општествата туку и политичката судбина на самите актери.
Откако цените на нафтата на светските берзи значително паднаа во последните недели (што несомнено се должи на напорите на американската администрација, која сака да ја подобри состојбата со цените на енергенсите дома бидејќи тие влијаат на високата инфлација, но и да ги намалат руските приходи од продажба на нафта), пристигна веста за можно ново поскапување на црното злато.

Од ноември, значително намалување на производството на нафта од страна на ОПЕК+

Имено, како што пишува „Фајненшл тајмс“, Русија, Саудиска Арабија и другите земји од форматот ОПЕК+ (членки на ОПЕК и најголеми производители на нафта што не се членки) планираат значително да го намалат производството на нафта за да ги поддржат цените.

Имено, ОПЕК+ (предводен од Москва и од Ријад) пред два дена постигна договор за намалување на дневното производство на нафта. Но наместо намалување за еден милион барели, ОПЕК+ одлучи да го намали производството на нафта за два милиони.
Во врска со оваа одлука не помогна ниту силното американско лобирање кон одредени американски арапски сојузници да гласаат против ваквата одлука. Истата таа ќе стапи во сила веќе во ноември.

По оваа вест, цената на нафтата од типот брент порасна на 93 долари за барел. Како што објави британски „Ројтерс“, ОПЕК+ во средата се согласи нагло да го намали производството на нафта, ограничувајќи ја понудата на и онака тесниот пазар, што го предизвика еден од најголемите нафтени конфликти на ОПЕК+ со Западот. Според Си-ен-ен, администрацијата на Бајден ја нарече таквата одлука „целосна катастрофа“ и „непријателски чин“.

Наместо намалување за еден милион, ОПЕК+ договори
намалување за два милиони барели

Претседателот на САД ќе продолжи да ослободува одредени количества од резервите за да обезбеди енергетска безбедност

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека „САД работат на одржување на ниските цени на нафтата“! Но, освен што вчерашниот договорен пад на производството на нафтата започнува во ноември, проблемот за САД лежи во тоа што американската програма за продажба на 180 милиони барели од државните резерви – еден милион барели дневно, завршува и во ноември. Понатамошното користење на американските резерви со цел одржување на цената на нафтата би било исклучително ризично за земјата. Американскиот претседател Џо Бајден, разочаран од одлуката на ОПЕК+, преку соопштение од Белата куќа го вели следново:

„Во време кога е најважно одржувањето на глобалното снабдување со енергија, оваа одлука ќе има најнегативен ефект врз земјите со ниски и со средни приходи што веќе страдаат од повисоките цени на енергијата“. Администрацијата на американскиот претседател рече дека одговорот ќе биде дополнителна продажба на нафта од стратегиските резерви на земјата: 10 милиони барели во ноември.

– Претседателот ќе продолжи да ослободува количества од резервите колку што е потребно за да ги заштити американските потрошувачи и да обезбеди енергетска безбедност и му наложува на секретарот за енергетика да ги истражи сите дополнителни одговорни активности за да продолжи со зголемувањето на домашното производство во блиска иднина – објави Белата куќа, додавајќи дека администрацијата, исто така, ќе се консултира со Конгресот за дополнителни алатки и овластувања за олабавување на контролата на ОПЕК врз цените на енергијата.
Бајден сега бара излез во одредени држави што досега беа третирани како „непријателски земји околу САД“. Така, „Волстрит џрнал“, повикувајќи се на свои извори, го пишува следново: „Администрацијата на Бајден се подготвува да ги олесни санкциите кон Венецуела во замена да му дозволи на Шеврон да продолжи со производството на нафта таму“. Доколку се оствари таков договор, ќе има потенцијална можност за извоз на нафта од Венецуела на американскиот и на европскиот пазар.

Доналд Трамп: Американските власти мора да произведуваат нафта во САД наместо да ја купуваат од трети доставувачи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја критикуваше американската администрација дека поставува барања до други земји поврзани со производството на нафта.
– Она што тие (администрацијата на претседателот Џо Бајден) го прават е едноставно лудо. Ја прашуваме Венецуела, ја прашуваме Саудиска Арабија, бараме сè за нафтата, која ја имаме под нашите нозе повеќе од кој било друг – рече тој за време на говорот на конференцијата во Мајами. Тој додаде дека американските власти мора да произведуваат нафта во САД, наместо да ја купуваат од трети доставувачи, вклучувајќи ја и Венецуела, а потоа да ја преработуваат во земјата. На обидот да се воведе плафонска цена при увозот на руската нафта, Патрик Пујан, шефот на францускиот и светски енергетски гигант „Тотал енерџис“, на форумот за енергетска интелигенција во Лондон рече дека тоа е лоша идеја.

Тој додаде дека пазарот „веќе си ја врши работата и таа руска нафта веќе е достапна со голем попуст“.
И конечно, енергетичарите го истакнуваат следното: глобалните геоенергетски игри не се ништо помалку ризични од геополитичките, па затоа може да се очекуваат различни и непредвидливи сценарија, кои, секако, нема да влијаат на стабилизацијата на глобалниот енергетски пазар. Токму би го направиле спротивното. Ќе има тектонски промени во правец на линиите за снабдување со нафта и гас, односно замена на примарните пазари за извоз за клучните производители, односно за набавки за клиентит. Е.Р.


Експресна реакција на одлуката на ОПЕК+

Инвеститорите најавија нов скок на цената на нафтата

Инвестициската банка Морган Стенли ја зголеми својата прогноза за цените на нафтата за првиот квартал од 2023 година, од претходно проценетите 95 на 100 долари за барел, велејќи дека договорот ОПЕК+ за нагло намалување на производството и ембаргото на ЕУ за руската нафта што ќе стапи во сила во декември ќе доведе до оскудна понуда.

Сега проценуваме дефицит на понудатана пазарот на нафта од 0,9 милиони барели дневно во 2023 година, во споредба со 0,2 милиони барели дневно претходно. Таа прогноза претпоставува дека руското производство на нафта ќе се намали за 1-1,5 милион барели дневно по стапувањето во сила на ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта – објави вчера Морган Стенли.

Банката сега прогнозира дека цената на европската нафта брент во првиот квартал на 2023 година ќе биде 100 долари за барел наместо 95 долари, како што прогнозираше претходно, и забележува дека брент ќе достигне 100 долари за барел побрзо отколку што проценуваше претходно.

Меѓународната репер-нафта брент вчераутро се тргуваше околу 93,29 долари за барел, откако во средата поскапе за 1,7 отсто.